Зелената партија ДОМ одржа трибина во Крушево за придобивките од развојот на еко-туризмот. На трибината присуствуваа претставници од институциите, граѓански здруженија и угостителскиот сектор.
Во своето воведно обраќање, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин зборуваше за значењето на еко-туризмот кој за разлика од масовниот туризам, истовремено овозможува заштита на животната средина и биодиверзитетот и економски бенефит, особено за локалното население.
“Со раст од 50% на бројот на туристи во мината година Крушево е добар пример како еко-туризмот може да придонесе за економски бенефит на локалното население. Тоа пред се, се должи на подемот на параглајдерството, алпинизмот, планинскиот велосипедизам и други форми на активен туризам”-рече Морачанин.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски ги истакна позитивните резултати од поддршката која Агенцијата ја обезбедува за развој на еко-туризмот. Особено значајни се финансиската помош за полетувалиштето за параглајдерство, ознаките за велосипедски и планинарски патеки, како и промоцијата на Крушево како туристичка дестинација на голем број меѓународни саеми за туризам.
Државната секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска говореше за значењето на управувањето со отпадот за квалитетот на живот на граѓаните, но и како предуслов за развој на туризмот. Таа го презентираше планот за управување со цврст отпад во Пелагонискиот регион, што ќе овозможи затворање на дивите депонии и изградба на регионална санитарна депонија во Суводол.
Претставникот од општина Крушево, Сотир Габелоски ги презентираше веќе реализираните и проектите кои општината ги планира за следниот период, со цел изградба на туристичка инфраструктура, подобрување на јавната хигиена и промоција на туризмот. Еден од најголемите предизвици е решавањето на деценискиот проблем со водоснабдувањето на Крушево.
Претставничката од параглајдерскиот клуб Хели ХЦ, Кристина Пејчиновска истакна дека во тек на петмесечната сезона, околу 2000 параглајдеристи престојувале во Крушево. Таа се осврна на потребата за постојано присутна спасувачка екипа, наплата на такса за летање, комуникација со контролата на летање, обезбедување на паркинг на полетувалиштето, како и слетувалиште за параглајдеристите и туристички мапи за посетителите.
Во текот на двочасовната конструктивна дискусија присутните истакнаа дека евидентни се позитивните резултати од реализираните активности и ги дефинираа потребните мерки кои институциите треба да ги преземат за понатамошен развој на еко-туризмот во Крушево.