Во фокусот на грчките медиуми секојдневно се темите поврзани со Република Македонија и спорот што Грција го има за името на нашата земја.
Интернет изданието на грчкиот весник Real објави дека македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе имаат билатерална средба на 24 јануари за време на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Средбата Заев – Ципрас, според весникот, е факт што ги потврдува информациите дека за време на разговорите на шефовите на дипломатиите Коѕијас – Никола Димитров во Солун, постоел голем напредок. Коѕијас и Димитров, како што пренесува Real, ќе бидат исто така во Давос.
Грчките медиуми во изминатиот период шпекулираа дека е можна средба на Заев и Ципрас на форумот, но не постоеше потврда ниту од едната ниту од другата страна. Единствено, од македонската владина прес-служба, минатата недела соопштија дека владина делегација предводена од премиерот Заев на 25 и 26 јануари ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос.
Ρечиси седум од десет Грци не се согласуваат терминот Македонија да биде вклучен во името. Според истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Марк“ за грчкиот весник „Прото тема“, 68 отсто од испитаниците одговараат негативно на прашањето дали Грција треба да се согласи за сложено име со терминот Македонија. Позитивен одговор, дале само 23.6 проценти од анкетираните .
– Не го сака грчкото општество, од Еврос до Крит, ниту пак поддржувачите на СИРИЗА (64 отсто). 68 отсто НЕ за име со Македонија, пишува неделникот „Прото тема“ на насловната страна, во однос на спроведената анкета.
Од оние кои одговориле негативно на прашањето за терминот Македонија, според резултатите, 63.8 отсто се гласачи на владејачката СИРИЗА, а слична е климата и кај оние кои на изборите во 2015 гласале за опозициската Нова демократија, 67 отсто се против зборот „Македонија“.
Лидерот на Независни Грци Панос Каменос, пак, во колумна за неделното издание на весникот „Димократиа“ пишува, меѓу другото, за референдум во Грција, позициите за името, барањето терминот Македонија да не биде вклучен во сложеното име.
– Грчкиот народ ќе треба да одлучи за ова, без преседан во историјата на човештвото, отстапување на истријата и културата на друг народ.- пишува Каменос и објаснува дека секое вклучување на термниот Македонија во името би значело пад на грчката култура, историја, уметност и сл.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, коалицискиот партнер во грчката влада, вели дека „одлуката за вклучување на терминот Македонија, ги надминува овластувањата на кој било политичар“.
Кон крајот на октомври минатата година, говорејќи во Солун, Панос Каменос, рече дека е потребно да се распише референдум и во Грција за името, а три месеци подоцна, одново го споменува неговото барање. Претставници на грчката влада од редовите на СИРИЗА, во изминатиот период велеа дека нема да биде потребно одржување референдум во Грција.