Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи оствари средба со новоименуваната американска амбасадорка во земјава Кејт Бернс, на која било разговарано за евроатлантските интеграции на земјата и поддршката на САД за членството на Северна Македонија во НАТО.
Вицепремиерот Османи, како што информира неговиот кабинет, упатил честитки до амбасадорката по повод нејзиното назначување и ѝ посака успешна работа, во насока на продолжување на пријателската соработка во рамки на стратешкото партнерство меѓу двете земји, изразувајќи задоволство за поддршката од страна на САД за евроатлантските аспирации на земјата.
– САД не се само стратешки партнер на Република Северна Македонија, туку и најважен пријател, чија поддршка може да се препознае во сите позначајни успеси на земјава од нејзината независност, истакна Османи.
Османи, потенцирал дека Северна Македонија останува доверлив партнер на САД на Балканот, силно посветена на промоцијата на западните вредности, демократијата и стабилноста во регионот.
На средбата Османи и Бернс, како што се наведува во соопштението, разговарале и за поддршката на САД за членството на Северна Македонија во Алијансата, во очекување на ратификацијата на Протоколот за НАТО од страна на Сенатот во наредните месеци. Притоа Османи посочил и на европската перспектива на земјава, со оглед на тоа што се наоѓа во клучен период пред добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври оваа година, истакнувајќи дека поддршката од САД е особено значајна.