Ловците од Виничко пуштија 400 нови фазани во ловиштата, се најавува нов Закон за ловство

Пред почетокот на ловната сезона на прелетен дивеч членовите на ловечкото здружение „Бел камен“ од Виница пуштија 400 нови фазани во ловиштата во општината.

Птиците се набавени од сопствени средства на здружението и беа пуштени во ловните терени кај селото Драгобраште и во околината на Виница. Се работи за редовна акција чија цел е да се обнови и збогати ловниот фонд во регионот.

-Токму на Илинден почнува овогодишната сезона на прелетен дивеч, поради што пуштањето на подмладок и повозрасни фазани ќе им овозможи подобри шанси за улов на нашите членови. Исто така, се подоготвуваме и за почетокот на главната ловна сезона чиј старт традиционално е во октомври. Во моментот имаме околу 200 активни ловци, од кои поголем дел се вклучени во одржувањето на ловниот фонд на нашето подрачје, истакна Лазар Коцев, претседател на здружението „Бел камен“.

Ловното здружение од Виница веќе деветта година е концесионер на две ловишта за крупен дивеч на период од дваесет години, како и на две ловишта за ситен дивеч на десет години.

На пуштањето на фазаните во Виничко присуствуваше и претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски кој рече дека се подготвуваат нови законски одредби за ловството.

– Веќе разговаравме со надлежните во ресорното министерство и заеднички заклучивме дека се потребни итни измени на одредени решенија во законите за оружје и за ловство што се актуелни во моментот. Наша крајна цел е да се подготви целосно нов Закон за ловство,  почнуваме од понеделник и за еден и пол месец очекувам да биде донесен законот. Еден од приоритетите е укинување на електронската аукција при доделување на концесиите, затоа што се предвидува повеќе од 70 отсто од ловиштата за ситен дивеч се опфатени со аукцијата, па сметаме дека ќе настане класично разграбување на ловните терени од страна на поединци кои имаат поголема финансиска моќ. Со измените во Законот ќе овозможиме нов модел, при што предност ќе имаат старите концесионери, истакна Алексовски.

Во државата во моментот има 74 концесионери на вкупно 276 ловишта, од кои четири се државни, а едно е факултетско и кај сите е забележан брз пораст на бројот на диви свињи, поради што од Министерството за земјоделство ќе се бара да се зголеми квотата за нивен отстрел.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *