Пендаровски: „Галичка свадба“ важен дел од мозаикот на нашето мултиетничко општество

 Секое лето, Галичката свадба ни овозможува да уживаме во еден многу важен дел од мозаикот на нашето мултиетничко општество. Во овие денови на радост ќе ја следиме поворката на свадбарите, ќе се потсетиме на автентичните обичаи,  на разнобојните носии,  на свадбарските песни, на мијачкиот фолклор и ќе се насладуваме во живописниот пејзаж. Пред многу години на Петровден во Галичник имало и по четириесет венчавки во црквата „Св. Петар и Павле“, а денеска сме сведоци на заветот на Огнен и Марина.

Ова денеска го истакна претседателот Стево Пендаровски, кој се обрати на 46. манифестација „Галичка свадба“ што се одржува под негово покровителство.

Пендаровски изрази надеж дека и многу други млади луѓе, кои имаат потекло од живописниот Галичник, ќе ја продолжат оваа традиција со која, како што рече, ја збогатуваме неспорно и пошироката европска култура.

– Сметам дека не треба да се задоволуваме со неколкудневна манифестација што ќе се одржува само на едно место, или само еднаш во годината. Да ги користиме овие манифестации како можност за оживување на руралните места низ земјата, да го развиваме алтернативниот туризам, да инвестираме во органско то производство на храна и со тоа да им нудиме несекојдневно искуство на домашните и на странските гости, истакна Пендаровски.

На манифестацијата „Галичка свадба“ присуствуваше и министерот за култура Хусни Исмаили.

Традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ повеќе од четири децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај. Манифестацијата во исто време придонесува за зачувување на автентичноста на изворните песни и ора, како и на надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.

Младенци на годинешната „Галичка свадба“, која секоја година се одржува на Петровден, односно за време на викендот што е најблизу до овој празник, се Марина Петровска и Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник. Тие денеска по низата свадбени обичаи, како и со изведбата на невестинското и други ора, се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“. Традиционално, почетокот на „Галичката свадба“ се означи вчера, со поставување на свадбарското знаме, а свадбената свеченост заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

„Галичката свадба“, која традиционално се реализира со поддршка од Министерството за култура, ја следеа и голем број гости и посетители од земјава, но и од странство, кои можеа да проследат над 30 обичаи кои се изведуваа за време на свадбарските денови.

Традиционално со одржувањето на „Галичката свадба“ во организација на месната заедница на селото Галичник почна и „Галичкото културно лето“, кое и овојпат ќе понуди најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации посетители.