Почнаа градежните активности за монтирање на големиот мост над реката Брегалница што ќе ги поврзува најголемите штипски населби со булеварот „Гоце Делчев“. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски вели дека деновиве во халите на „Актива“ се финализираат последните подготовки за монтажа на челичната конструкција, а на терен се подготвува просторот за поставување на конструкцијата.
-Фирмата Актива започна со монтирање на времена платформа, на која ќе бидат поставени три крана со кои ќе се подига и монтира металната конструкција на мостот, изјави Бочварски.
Тој истакна дека проектот е вреден 57 милиони денари и е од значаен интерес за граѓаните на Штип, работен во две фази. Првата фаза чинеше 46 милиони, а втората 11 милиони денари.
-Во текот на оваа недела ќе започнеме со транспорт на конструкцијата на местото на монтажа и очекуваме некаде до крај на овој месец сите подготвителни работи да се завршат, најави Илија Николов, сопственик на фирмата „Актива“- Штип.
Откако ќе се постави челичната конструкција ќе следи и асфалтирање на мостот, по што во употреба се очекува да биде пуштен кон крајот на септември. Со изградбата на овој мост завршуваат и првата и втората фаза од обиколницата, која е капитален проект за граѓаните на Општина Штип.
-Следи бетонирање, потоа асфалтирање на делот на поставената конструкција на мостот, со по 20-тина метри од обете страни, за да може целата мостовна конструкција во должина од еден километар, конечно да биде завршена во целост кон крајот на август или до средината на септември, потенцира Николов.
Градоначалникот Бочварски прецизира дека обиколницата ќе има функција за решавање на сообраќајниот хаос на влезот и излезот од Штип, како и побрзо и безбедно поврзување на најголемите населби со индустриските зони.