Јавното обвинителство под контрола на Зоран Заев трет ден молчи во врска со сомнежите и доказите излезени во јавноста за 7 милионскиот криминал сторен од страна на Драги Рашковски при набавка на систем за летање.
Информациите кои излегоа во медиумите укажуваат дека Рашковски доделува тендер на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со воздушниот простор во вредност од 7 милиони евра, иако важноста на тендерската документација е истечена, спротивно на заклучокот на владата, како и во спротивност со одредени законски решенија, за кои како што се вели во снимките требало да бидат сменети.
Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му се заканува казна затвор од најмалку 5 години.
Јавното обвинителство треба да се ослободи од притисокот на Зоран Заев и да поведе постапка за расчистување на овој случај во кој постојат сериозни индиции дека е оштетен Буџетот на Република Македонија.
Со цел непречено одвивање на истрагата потребно е Јавното обвинителство веднаш и неодложно да побара определување на мерка притвор за Драги Рашковски и другите вмешани со цел непречено одвивање на истрагата.
Јавното обвинителство треба да побара притвор затоа што постојат сериозни можности Рашковски од позицијата на Генерален секретар на Владата да влијае врз текот на постапката, сведоците, вештаците, соучесниците и прикривачите.
Имајќи во предвид дека се работи за државен функционер од висок ранг , кој има сериозен број на контакти во земјава и странство можно е и бегство на истиот.
Дополнително Јавното обвинителство треба да побара мерка притвор затоа што постојат оправдани сомнежи дека Рашковски може да го продолжи кривичното дело и да стори ново дело, особено ако се земат во предвид обвинувањата на поранешниот директор на Клинички центар Скопје, Ваљон Беља кој тврди дека Рашковски бил вмешан и во местење тендери и земање провизии и од тендери во министерството за здравство.
Очигледно е дека случајот Рашковски добива нови и досега невидени размери. Токму затоа Јавното обвинителство треба веднаш да се позанимава со овој функционер, десна рака на Заев и да ги истражи како овие, така и други случаи во кои е вмешан Рашковски. ВМРО-ДПМНЕ му ги поднесе денес материјал на Републичкиот Јавен обвинител, и доколку тој не ги има видено од медиумите, може да биде запознаен со случајот денес.
Доколку Јавното обвинителство сепак подлегне под притисокот на Заев и не отвори случаи, истите ќе бидат процесуирани по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, кога ќе има одговорност како за сторителите, така и за прикривачите низ институциите.
Одговор на новинарско прашање
Господинот Драги Рашковски денеска на Фејсбук напиша дека утре ќе има прес конференција во 12 часот и ве повика и вас да присуствувате бидејќи нели имало обвинувања од сите страни и од ваша страна и ве повика да присуствувате. Дали би отишле на прес конференцијата
Одговор: Јас на вашето прашање ќе одговорам со контра прашање. Дали господинот Драги Рашковски е над законодавната, извршната и судската власт? Драги Рашковски не може од позиција на генерален секретар на владата да повикува никого. Тој треба да биде повикан и овие сомнежи кои ние ги објавивме сакаме да бидат процесуирани институционално затоа што тој треба да биде повикан во Јавното Обвинителство и тука да ги даде своите одговори. Ќе ви кажам уште нешто. Република Македонија е сериозна држава, ова не е банкет држава ниту гранап држава ние да си се повикуваме едни со други, ова не е лична пресметка. Станува збор за криминал кој што треба да оди на штета на даночните обврзници, т.е. на граѓаните на Република Македонија, така што мислам дека колегата Рашковски има каде соодветно да си ги брани своите позиции и да ја докажува својата невиност.