Во Тетовско со фиксни радари ќе се откриваат оние кои возат побрзо од дозволеното

Поради редовните и многубројни случаи на сообраќајни прекршоци со непочитување на брзината во иднина е предвидено поставување фиксни и мобилни радари на местата каде возачите се движат пребрзо, најави командирот на сообраќајната полиција при СВР Тетово, Зоранчо Талев од денешната акција на автопатот Скопје-Тетово која ја следеа медиумите.

Новинарите имаа прилика да увидат дека не се почитуваат знаците за ограничена брзина. Радарот беше поставен на 600 метри од знак каде е обележано дека дозволено е движење со брзина од 100 километри на час, но беа сопрени голем број возила кои се движеа над таа граница. Додека траеше акцијата беше регистрирана најголема брзина од 139 километи на час.

-Статистичките податоци говорат дека скоро секоја втора сообраќајна незгода се случила заради непочитување на ограничувањето на брзината или неприлагодена брзина кон својствата и состојбите на патот, атмосферските услови, прегледноста и.т.н за да може секој возач навремено да го запре возилото пред секоја непредвидена пречка. Мора да се работи на свеста на возачите односно претежно кај младите да се делува превентивно. Имаме случаи во кои возачот наместо да управува следи на мобилен што се случува на социјалните мрежи-потенцира Талев.

Тој инфомираше дека од почетокот на оваа година до сега заради неприлагодена брзина се случиле 77 сообраќајни незгоди во кои што 6 лица го загубиле животот, 21 лице се здобило со Тешка телесна повреда, а телесни повреди претрпеле 185 лица.

-Сразмерно на ова имаме санкционирани 1660 прекршители на овој прекршок, а за 581 лице имаме поднесено барања за изрекување на заштитна мерка „забрана за управување„. Како сообраќајна полиција сме опремени со современи ласерски радари кај кои прецизноста е голема, мерењето се снима, а кога се бара изрекување санкција „забрана за управување„ доказниот материјал се доставува до судот-истакна командирот.

Законските одредби предвидуваат мандатни глоби од 20 до 400 евра во денарска противвредност во зависност од пречекорувањата на брзината, а покрај глобата исто така е предвидено и санкција „забрана за управување„ со возило од 3 до 12 месеци.