Со цел јакнење на јавната свест за потребата од зголемување на напорите и активностите за заштита на животната средина, а по повод Светскиот ден на животната средина – 5 Јуни, рудникот „Саса“ денеска спроведе еко-акција.
Во рамки на акцијата беа засадени 30-тина садници див костен во кругот на рудникот. Во акцијата учествуваа вработени и членови на менаџментот на компанијата, како и ученици од средното училиште „Миле Јаневски – Џингар“ кои посетуваат практична настава во рудникот.
Директорот за општествена одговорност во Централ Азија Металс, компанијата сопственик на рудникот „Саса“ Ник Ширли изјави дека сведување на минимум на влијанието врз животната средина е стратешка цел на рудникот „Саса“.
– Свесни сме дека ова е можеби симболичен придонес, но се надеваме дека со оваа еко-акција ќе испратиме порака до целата заедница за тоа како сите ние треба да се однесуваме кон животната средина. Се надевам дека со нашиот денешен пример ќе ги поттикнеме и останатите луѓе и компании во земјата да преземат конкретни акции со кои ќе ја зачуваме природата чиста и здрава, рече Ширли.
Според постигнатите резултати, вложувањата и пристапот во заштитата на животната средина, како што додаде Ширли, „Саса“ е еден од предводниците во оваа област во домашната индустрија, посебно во рударството.
„Саса“ е првиот македонски рудник што поседува А – интегрирана еколошка дозвола и работи според најважните меѓународни барања и принципи во рударството, како што е светскиот стандард за управување со заштитата на животната средина според ISO 14001 стандардите.
Дополнително, во рамки на денешната акција беше собран и целокупниот сув отпад кој понатаму ќе биде селектиран и рециклиран со што ќе се обезбеди негов соодветен третман.
Светскиот ден на животната средина е воспоставен во 1972 година од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации. Низ годините овој светски ден прерасна во глобална платформа за подигнување на јавната свест за потребата од поефикасна заштита на животната средина во која активно учествуваат над 140 држави, а се вклучуваат и голем број компании, невладини организации и јавни личности низ целиот свет.