Платежната агенција треба да исплати 8,7 милиони евра до крај на годината

Во Извештајот на Европската комисија за земјоделството во делот на ИПАРД сепак е констатиран напредок, потенциран е ризикот од целосното искористување на средствата и има сериозна забелешка за капацитетот на Платежната агенција, оцени денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Поради забелешките, како што рече, уште денеска во Министерството се одржува средба со директорот на Платежната агенција и со претставници од Министерството за финансии и ИПАРД менаџмент телото.

– Најновите  информации се дека до крајот на годината 8,7 милиони евра треба да бидат исплатени од Платежната агенција. Убеден сум дека ќе бидат исплатени заради тоа што веќе до Платежната агенција се поднесени барањата за исплата на најголемите проекти во делот на мерката на преработувачката индустрија. Лично ги мотивирам и разговарам со сите апликанти да ги забрзаат своите процедури. Секторите за одобрување и за исплати на Платежната агенција ќе работат интензивно летото,  рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.

За следната недела најави нов јавен повик во делот на ИПАРД и посочи дека забрзано се обработуваат  апликациите од мерките еден и три од јануари и февруари годинава.

– Убеден сум дека овојпат ќе имаме целосна искористеност на ИПАРД средствата и оти ќе дојдеме до момент на барање дополнителни средства од страна на земјите од регионот, наведе Николовски, истакнувајќи дека се тек и постапки за зголемување на капацитетите на Платежната агенција.

Наскоро ќе биде објавен оглас за вработување на 28 лица во секторите што ја покриваат ИПАРД програмата. Вработувањата ќе бидат на неопределено време и добиени се согласности од страна на сите институции.

– Очекувам и повикувам да бидат ангажирани најквалитетните луѓе во државава и да бидат мотивирани и зарадио тоа што и на ниво на Влада мора да биде решена уште една дилема и во делот на зголемување на платите на структурите за коишто Брисел  сугерира дека навистина мора да ги задржиме. Јас сум позитивен во тој дел, очекувам целосна реализација на ИПАРД и сум радосен што за разлика од претходниот период оваа година имаме позитивен извештај во делот на земјоделството, рече Николовски.

Како што укажа, во извештајот се констатира напредок во областа на фитополитиките. Собранието треба да го донесе законот за фитофармација со којшто сериозно се регулират областите од увоз на пестициди, препарати, до контроли  и употреба.

– Констатиран е сериозен напредок во фитополитиките , во делот од Агенцијата  за храна и ветеринарство за квалитетот на безбедноста на храна, во делот на поглавјето 11 за  земјоделство,  констатиран е напредок во многу области и усогласувањето коешто го имаме со ЕУ, рече Николовски.