Факултетот за туризам и бизнис логистика од Гевгелија денеска организираше работилница чија што цел беше да се состави издржана стратегија за развој на туризмот во Општината до 2024 година.
Во таа насока свои сугестии, мислења, предлози и забелешки дадоа поединци и претставници на организации и институции од областа на туризмот кои беа учесници на работилницата.
Довербата за изработката на стратегијата, Општина Гевгелија му ја довери на Факултетот за туризам и бизнис логистика за кого до сега претставува најголем предизвик во 11-годишното постоење, смета деканот Никола Димитров.
– Располагаме со доволно стручен кадар, кој заедно со Општината и сите работници од туристичката гранка сме подготвени да направиме добра стратегија што ќе го подобри и унапреди развојот на туризмот во Општина Гевгелија, рече Димитров.
Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, нагласи дека стратегијата се работи на барање од Општината и очекува нејзиниот краен производ да биде од корист за сите.
– Од стратегијата корист ќе имаат сите затоа што ако напишаното на хартија се имплементира во пракса, тоа ќе значи отворање на нови угостителски објекти, нови туристички капацитети и побарувачка на работна сила. При нејзината изработка мора да се тргне од фактот дека Општина Гевгелија ќе треба да се развива како зелена, модерна и европска Општина, рече Поцков.