ЈКП „Комуналец“ почна да собира смет и во кичевските села

Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Кичево почна да собира смет и во повеќе населени места во општината надвор од градското подрачје. Освен во Кичево, смет од неодамна се собира и во селата Трапчин Дол, Колибари, Аранѓел и Србица. Сметот се собира еднаш неделно.
– Со овој зафат сакаме да ја подобриме животната средина на жителите и од селските населби. Комуналното претпријатие има доволно возила, а прими и нови работници па нема да има проблеми околу навременото собирање на сметот, вели Зенел Јонузи, директор на претпријатието.
Тој додаде дека претходно во овие населени места не се собираше смет поради што во нивната непосредна околина се формираа диви депонии. Со проширување на дејноста, комуналното претпријатие „Комуналец“ собира смет од Кичево и уште од четри кичевски села.
Јонузи објасни дека „Комуналец“ е подготвен во целост да ги исполни обврските и да им овозможи и на жителите од овие села да имаат поздрава животна средина, но и на останатите села од целата општина кои ќе изразат желба да се вклучаат во системот, со месечен надомест.
Тој изрази подготвеност и за преземање и на канализациската и водоводната мрежа за одржување во селските средини каде ја има. Истите населени места притоа, како што рече, ќе треба да изразаат подготвеност и желба за да се вклучат во системот.