Младите од Кочани со ликовни и литературни активности против трговијата со луѓе

Кочанските активисти од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“ во рамките на кампањата „Заедно против трговијата со луѓе“ организираа ликовни и литературни активности за учениците од основните и средните училишта на тема трговија со луѓе.

– Нашето здружение работи на поддршка и заштита на жртвите на трговија со луѓе. Истовремено, голем дел од нашите активности ги посветуваме и на превенцијата како еден од предусловите како младите да се заштитат од трговијата со луѓе. Целта на тимот од Кочани, како еден од единаесетте од нашата држава, беше преку литературни и ликовни творби младите да се запознаат со трговијата со луѓе, но и многу повеќе да прочитаат како да се заштитат, истакна Стојна Атанасовска Демишковска, претставник на здружението „Отворена порта“.

Изложбата на ликовните дела на учениците ја отвори градоначалникот Николчо Илијев, кој нагласи дека локалната самоуправа дава целосна поддршка на ваквите активности во кои се вклучени младите од Кочани.

– Трговијата со луѓе е актуелен проблем и добро е што во нашата општина немаме регистрано таков случај, но опасности и ризици постојат секогаш. Јавното зборување и подигнувањето на свеста на младите за овој проблем е првиот чекор од заштита. Ја поздравуваме иницијативата на „Отворена порта“ и вклучувањето на младите во оваа кампања и очекуваме таквите иницијативи да се омасовуваат, истакна Илијев.

Младинскиот тим од Кочани, кој беше организатор на настанот, им додели награди на најуспешните ликовни и литературни творби.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *