Кревет, теписон, дел од масичка – ова личи на опис од дневна соба, но всушност е една од честите слики покрај тетовските контејнери. Периодов честопати покрај секојдневните отпадоци сè повеќе се забележува и кабаст отпад, мебел и други големи предмети што жителите на градот ги оставаат покрај местата предвидени за органски смет. Ваква состојба се забележува и во центарот на градот, комплексот згради наречени „Чешел“ покрај плоштадот. Станарите се свесни дека дел од нив несовесно постапуваат оставајќи ги парчињата мебел, но упатуваат критика до комуналното претпријатие и општината дека не постои соодветно решение за ваков вид отпад.
– Секоја пролет, кога се расчистува по домовите, луѓето оставаат мебел и друго ѓубре, контејнерите личат на мини депонии. Не знам до кога вака ќе тераме, вели Драган Аврамовски, станар во една од зградите „Чешел“.
Неговиот сосед Агрон Камбери вели дека има еден контејнер во кој ѓубре фрлаат станари од седум згради, како и други што поминуваат од другите места.
– Нека помислат малку од општината што треба да се направи, додава тој.
Од комуналното претријатие велат дека кабаст и друг поголем отпад може да се остава на посебно место покрај патот Тетово – Требош, кај новата претоварна станица. Нема определено простор за оставање градежен шут.
– Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Тетово“ постојано ги повикува граѓаните да бидат повнимателни и да не го фрлат својот цврст отпад (мебел за домаќинства, санитарна опрема, градежни материјали, гранки од дрвја и др.) на места каде што е забрането бидејќи, освен што ја загадува животната средина, предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад. Отпадот може да се однесе на новата претоварна станица на патот Тетово – Требош, изјави Џелал Цека, директор на јавното комунално претпријатие „Тетово“.
Во Тетово фрлени отпадоци на места на кои не треба да бидат исто така има многу. Постојат неколку таканаречени црни еколошки точки каде што се собираат огромни купишта смет. Таква е состојбата во коритото и кејот на реката Пена, пред православните гробишта, околу стариот градски стадион, како и кај недоградената спортска сала кај спортскиот центар. Честа слика се и преполните контејнери.
-Голем проблем за нас се количините смет. Ако во јануари, февруари, март имаме од 150 до 170 тони на ден, сега во април – мај собираме и до 270 тони повеќе ѓубре. Во јули – август достигаме до 280 – 300 тони на ден. Засега сметот се носи во скопската депонија Дрисла, што значи дека на камионите им треба неколку часа да одат и да остават смет. Доколку би се носел во полошката регионална депонија Русино, отстранувањето на сметот би одело побрзо, рече Цека.
Сепак, работата на комуналното претријатие и општината честопати е критикувана од невладините организации бидејќи нема посеопфатен пристап кон расчистувањето на поголемите купишта смет. Се потенцира потребата за поскоро решавање на прашањето на регионалната депонија Русино кај Гостивар, каде што би требало да се складира, но и рециклира отпадот од сите полошки општини.
Тетовската градоначалничка Теута Арифи, воедно и претседателка на Полошкиот плански регион, вели дека работите се придвижуваат, иако сè уште депонијата не се користи. Во ноември 2017 година беше потпишан договор со Швајцарската агенција за развој и соработка и нивната амбасада за финансирање стандардизација на депонијата. Претходно, жителите околу Русино не дозволија со блокада да се носи сметот, со оглед дека отпадот само се остава и не се третира, а тоа предизвикува загадување на воздухот и почвата. Се пожалија и на оштетување на патот поради оптоварувањето од камионите со кои се носи сметот.
-Ние ги сметаме работите за придвижени. Швајцарската страна ги има избрано експертите кои работат на плановите за организирање и систематизирање на депонијата. Ние како претставници на општините договоривме да инвестираме краткорочни инвестиции, кои се во тек, така што мислиме дека сме на добар пат, рече Арифи.
Тетовци долги години се соочуваа со дивата депонија од илјадници тони смет кај старата претоварна станица на ЈКП близу излезот кон Скопје. Поради горење на сметот постојано се чувствуваше непријатна миризба и чад. Новата претоварна станица на само еден километар од Тетово на патот кон Требош започна да се користи во јули 2017 година. Беше предвидено сметот да се компресира и да се носи со 35-тонски камиони, но честите дефекти на системот и камионите се причина и на новата локација да има складирано стотици тони смет. Општината долги години најавува отворање центар за рециклирање во близина на Фалише.