Горд сум што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана Македонска партија. И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот, рече во своето прво обраќање во албанскиот Парламент Васил Стерјовски, кој со давањето заклетва од денеска е дел од Законодавниот дом.
Тој пренесе поздрави од Македонците во Албанија, кои, како што посочи се лојални граѓани на оваа држава.
– Имам историска должност да Ви пренесам поздрави од Македонците, кои се лојални државјани на Република Албанија, бидејќи таа е и нивна матична држава. Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно ќе се грижиме и ќе ја браниме Република Албанија како наша заедничка татковина и нејзините интеграции во Европската Унија, потпирајќи се на стратешкото партнерство со САД. Имаме прекрасна држава на која треба сите да и се радуваме, Господ и природата се ни дале, рече Стерјовски.
Кажа дека е генерален секретар на единствената македонска партија во Република Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, која покрај другите политички партии, додаде,се грижи за сите, меѓу нив и за унапредување на положбата и правата на Македонската заедница во нашето мултикултурно, мултијазично и мултиконфесионално општество.
– Македонците од Албанија, им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна и помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Затоа и ние Македонците, заедно со Албанците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, Бошњаците, се чуствуваме рамноправни со рамноправните пред Уставот и законите, рече Стерјовски.
Изрази посебна благодарност до Собранието на Албанија кое во 2013 година ја врати македонската топонимија на општина Пустец и нејзините девет села.
Подлече дека Општина Пустец е интересна туристичка дестинација, која е запоставена последните 28 години, и оти смета дека Владата треба да вложи во развојот на туризмот, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата, како и да помогне во меѓуграничната соработка и развојот на евро-регионот и национален парк „Преспа“ меѓу Албанија, Грција и Македонија.
– Се разбира, Македонската заедница во Република Албанија не се само Македонците во општина Пустец и селото Врбник во областа на Девол. Македонците во Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница, во областите Мала Преспа во Округот на Корча, Голо Брдо во Околјата Пешкопеја и Гора во околија Кукс, како и во градовите Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Кукс, и други места.
Завршувајќи го свото обраќање тој нагласи дека Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мост на соработка и братство во македонско-албанските односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.
– Ќе вложам се од себе, заедно со сите Вас, до крајот на мандатот да ги остварам обврските на пратеник во ова Собрание и да ги понесам одговорностите од предизвиците пред кои се исправени општеството, народот и државата, сите ние заедно, порача Васил Стерјовски.
Претседателот на албанскиот парламент Грамоз Ручи побара, а пратениците го поздравија со громогласен аплауз.
Македонците во Албанија обраќањето на Стерјовски го оценуваат како историско, а неговиот пратенички мандат историска победа за нив.