Ден на Европа – Земјава очекува позитивна одлука за почеток на преговори

Европа денеска го одбележува својот ден – 9 Мај, европски симбол, што заедно со заедничката валута – еврото, знамето и химната, го претставуваат политичкиот идентитет на Европската Унија.

На овој ден во 1950 година Роберт Шуман го презентираше предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на со војните разурнатиот и поделен континент. Предлогот, попознат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што го денеска го знаеме како Европска Унија.

Северна Македонија очекува дека од Советот на ЕУ во јуни ќе добие одлука за датум за почеток на преговори. На тоа претходно ќе следи извештајот на Европската комисија. Договорот за Законот за јавно обвинителство е еден од условите за добивање позитивен извештај на Европската комисија.

Владините претставници согласни дека во ЕУ на сите им е јасно дека оваа година Северна Македонија мора да ги почне претпристапните преговори, мора да има одлука, а кога таа одлука ќе се донесе зависи од сплет на околности – од една страна продолжувањето на спроведувањето на домашните реформи, од друга страна случувањата во самата Унија, во чии земји членки почна кампања за изборите за Европскиот парламент.

Премиерот Зоран Заев минатата недела рече дека ова лето, во јуни или јули земјава ќе добие зелено светло за отпочнување преговори со ЕУ, дека реформите се максимално спроведени, сето тоа што било зацртано во Планот 18, а претходно одобрено од ЕК е завршено.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера на панелот за „Западен Балкан и евроатлантските вредности“, рече дека сега земјава влегува во последните 20 дена пред објавувањето на овогодинешниот извештај на Европската комисија, изразувајќи очекување дека тоа ќе биде извештај врз основа на кој земјава ќе добие одлука за започнување преговори со ЕУ во јуни.

Рече дека по доброорганизираните претседателски избори, земјава сега влегува во една политичка предвидливост и стабилност.

– Во овие дваесет дена ќе ја концентрираме целата општествена, државна и политичка енергија да не оставиме никаков аргумент за прво да го добиеме најчистиот извештај и позитивната препорака, но и позитивна одлука, рече Османи.

Најави дека в петок во Брисел пред Европската комисија ќе го има последното обраќање пред изештајот.

Земјава од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат.

Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја доби првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини досега тоа не се случи.

Препораките на Комисијата во 2015 и 2016 година беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.

Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април минатата година препорача земјава да ги почне преговорите со ЕУ.

Во септември лани земјава го почна објаснувачкиот скрининг процес за пристапување во Европската Унија со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права. Со тоа Северна Македонија почна маратон што ќе трае подолг временски период, а чија должина ќе зависи пред се од подготвеноста на земјава за промени и длабоки реформи.

Земјава очекува од Советот на ЕУ во јуни да добие одлука за датум на преговори.

Доколку се исполнат условите, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.