Се вапсаа првите црвени, велигденски јајца, семејните традиции се одржуваат

Првото вапсано јајце е Божјо, Божјарче. Се вапсува пред да изгрее сонцето и е посветено на Бога. Се чува преку целата година. За здравје е и за бериќет, објаснува прилепчанката  Надежда Белушаноска која пред изгрјсонце, изутрината, на величетврток не само што го вапса првото, туку ги вапса црвени трите први велигендски јајца: за бога да се чува преку целата година, за здравје, за домашните.

Прилепчанки не се откажуваат од традициите на велнедела, пред големиот празник, Христовото воскресение – Велигден. Домаќинките, членки на прилепското здружение „Преродба“ кое 13 години, без исклучок, ги следи сите православни традиции и обичаи, ги објаснуваат сите адети врзани за велигденските празници.

– Првото, Божјо вапсано, црвено јајце, мене ми стои крај прозорецот. Да го осветлат првите сончеви зраци. Така било отсекогаш, ова сме го наследиле од мајките, бабите, предците. И убаво се чувствуваме, објаснува Белушаноска додека го вапсува првото, црвено, Велигенско јајце.

– Мене ми е најбитно да ги вапсам јајцата црвени. Како Исоусовата крв. Сега е модерно, па и одамна, да се шараат јајцата, во различни бои, но за мене, остана пресудно – главно, јајцата да бидат вапсани црвени. Да знаат моите внуци дека, во суштина, велигденските јајца се црвени, објаснува Белушаноска.

Но тоа не е сѐ. Радоста на вапсувањето на велигденските јајца ја чувствуваат и децата.

– Со црвеното велигденско јајце, на Величетврток се капат децата. Им се поминува со вапсаното јајце по лицето, низ челото, обравчињата, преку брадата, да се направи круг кога се капат и се изговара: „Црвено-бело, дебело, здраво и живо. И, сѐ така трипати, вели мајката за детето, за да и биде здраво и живо и црвено како велигденското јајце, дообјаснува Белушаноска.

Прилепчанки од здружението „Преродба“ направија четврточна, предвелигденска атмосфера. Објаснија како се вапцуваат јајцата, но и сите обичаи во пресрет на Велигден.

Лилјана Ѓорѓиоска смета дека поддржувањето и пренесувањето на традиционалните обичаи на новите генерации е битно за очувување на опстанокот, на блискоста на овие простори.

– Откако сѐ ќе средиме со вапсувањето на велигденските јајца, одиме в црква, на вечерна литургија и се останува целата ноќ, при пречувувањето на Исус Христос. Во петокот е причесната. Исто, се оди на литургија, се провираме под плаштеницата, одиме на целивање. Носиме црвено јајце кое го оставаме в црква, а од свештениците добиваме цвеќе или зелено гранче, за радост и бериќет во домовите. И вечерта, во петокот се оди на вечерна црковна литургија. Се поминува трипати околу црквата. Во сабота се последните подготовки пред Велигден. Ноќта сме пред црква, во исчекување на Христовото воскресение, најрадосниот празник во христијанството, објаснува Ѓорѓиоска.

Во Прилеп и посебни велигденски традиици, што тешко може да се сретнат во другите градови. Прилепчанката Добринка Илиеска радосно сака да објасни.

– Децата, за Велигден, мора да добијат нешто ново. Кој колку има и колку може. Нова облека, нови чевлички, кој колку може. Сѐ е радост за најмладите. Особено е битно зашто на сам ден Велигден, в недела, со своите татковци, дедовци со велигденски украсени конички ќе прошетаат и ќе ги посетат роднините, пријателите, ќе добијат велигденско јајце и се разбира, ќе бидат дарувани со пари. Посебно е радосно за најмладите кои споредуваат кој колку повеќе велиденски јајца „собрал“, насмеано објаснува Илиеска.

Помладите генерации сакаат да ги задржат традициите. И оние што се тука, дома, зашто Велигден е празник на семејството, и оние кои заминале во странство, а не се малку. Лилјана Горгиоска вели дека ќерката и е во Малта и уште пред една недела се интересира за вапсувањето јајца, за да ги почести блиските и пријателите, задржувајќи ги традициите и објаснувајќи им ги на новите пријатели во странство.

-Уште за католички Велигден, минатата недела, мојата ќерка побара да ѝ објаснам за вапсувањето јајца. Сега сака да ги почести пријателите, да им објасни за нашите традиции за Велигден. Можеби тие се зацврстуваат додека младите се во странство, сакајќи да ги одржат нишките што ги врзуваат за родниот крај. Јас така сакам да ја толкувам заинтересираноста да се одржат велигденските традиции и надвор од Македонија, објаснува Ѓорѓиеска.

Предвелигденската средба со прилепското здружение на жени „Преродба“ кое сесрдно се труди да ги одржи традициите – обичаите за сите поголеми верски празници, обоена е со чувството дека силни се желбите да останат нитките што сите нас не поврсзуваат, каде и да сме, ја завршуваме со радосните празнични исчекувања. Останува желбата кај децата да го привлечат вниманието на радоста за Велигден и да се чувствуваат сигурни во кругот на семејството. А семејството, велат, етнолозите, сака да го задржи заедништвото кое во денешните времиња полека се „слизнува од рацете“ оти и Велигден, како и Божик се семејни празници. Жените-домаќинки, мајки и баби, сесрдно се трудат да го одржат семејството заедно, без разлика каде и да е. Традиционалните обичаи ја одржуваат таа семејна целовитост.