Даниел Сервер: На 5 мај нека победи најдобриот

Во врска со речиси израмнетиот број на добиени гласови на гласањето во неделата на главните претседателски кандидати, Стево Пендаровски поддржан од владејачката СДСМ и Гордана Силјановска-Давкова, предложена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, политичкиот аналитичар Даниел Сервер изјави дека во вистинските демократии изборите се добиваат и се губат.

-Нека победи најдобриот. Затоа постојат избори, да се победи и да се изгуби. Не ја следев кампањата да кажам за способностите на сите кандидати, но ќе го кажам ова: Со голем ентузијазам го поддржувам Договорот од Преспа, изјави Сервер за МИА.

Според него, мноу фактори можат да влијаат на изборната трка на вториот круг закажан за 5 мај. – Албанските гласачи се еден од факторите и нивните партии треба да ги охрабрат да излезат и да гласаат. Се надевам дека ќе го сторат тоа, изјави Сервер за МИА.

Сервер е професор на Универзитетот за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ во Вашингтон и важи за добар познавач на работите на Балканот.