Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го отвори Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944). Лоциран е на левиот брег на реката Вардар, на кејот „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија.
Музејот ќе биде отворен секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде дел од туристичката мапа на главниот град. Посетителите ќе можат да ја погледнат постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ на авторката Зоја Богдановска, виш кустос историчар. Посетителите ќе можат на таблети да ја видат целата поставка, а секој експонат е опишан на современ, дигитален начин.
– На 13 ноември минатата година, на Денот на ослободувањето на нашиот град најавив дека многу скоро, повторно ќе го отвориме овој Музеј, кој неправедно беше затворен долги години поради реновирање, рече Шилегов.
Според него, поранешната власт намерно ја фрлила на маргините антифашистичката и современата историја на Скопје, а спомениците, бистите и спомен-плочите поветени на НОВ биле намерно запуштени и неодржувани.
– Со отворање на овој Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ го почнуваме токму спротивниот процес. Историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на Првиот скопски партизански одред повторно ќе биде дел од градските културни политики, одбележувања и останати содржини. Некогаш позната, а сега заборавена, оваа илегална партизанска оружарница од денес е повторно достапна за граѓаните на Скопје и за другите посетители како вредно културно-историско наследство од современата македонска историја, потенцира Шилегов.
Тој истакна дека повторното отворање на Музејот симболично се случува денеска, кога пред 75 години по долго физичко измачување во огласната полициска управа во Скопје и без судски процес свиреп биле убиени нашите народни херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев. Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електромеханичарски рачен и статичен алат.
На отворањето на Музејот присуствуваа министерот за култура Роберт Алаѓозовски, претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ Трајко Стаматовски, учесници во НОВ и членови на нивните семејства и претставници од семејството на Серафим Видовски.
Новата изменета и надополнета поставка е сместена во целосно санираниот простор на тајната работилница, зачувана во својот автентичен изглед, која во 1981 година била пренаменета во музеј. Со поставувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди, но и други експонати коишто се поврзани со времето на Втората светска војна.
Со повторното отворање на Меморијалниот музеј на илегалните работилници, Музејот на град Скопје го добива својот втор депанданс во стариот дел на градот, кој е единствен од ваков вид во Република Македонија и ја збогатува со уште една значајна содржина културната понуда на Скопје.