Грујевски и Бошковски утре во Солун ќе ја слушнат одлуката за екстрадиција

По четири рочишта, од кои две одложени, а во кои беа сослушани двајца сведоци, Горан Грујевски и Никола Бошковски утре ќе ја слушнат одлуката на Советот на судии во Солун, во однос на македонското барање за нивна екстрадиција. Одлуката е веќе донесена и откако сега конечно ќе се најде преведувач од грчки на македонски јазик, таа треба да им се соопшти на поранешните началници во Управата за безбедност и контра разузнавање.

Грчкиот суд најверојатно донел одлука двајцата да бидат екстрадирани во Македонија, со оглед на тоа дека на 20 декември по сослушувањето на сите сведоци, ваков предлог произлегол од обвинителот до поротата.

Последното рочиште се одржа на 22 декември и беше закажано за да се соопшти одлуката на Советот на судии. Со мали прекини, судењето траеше повеќе од два часа, бидејќи се правеа обиди да се најде преведувач. Превод од грчки на бугарски не беше прифатен од одбраната, па поради неможноста да се најде преведувач на македонски, рочиштето беше закажано за две седмици подоцна.

Според еден од адвокатите на Грујевски и Бошковски, судот ги почитувал европските договори за човекови права, правото на обвинетиот и правото на оној по кој е распишана потерница,  да добие превод на неговиот мајчин јазик, и го прифатил барањето на адвокатите рочиштето да биде прекинато и закажано за 5 јануари.

– Имаме конкретни сомнежи во однос на тоа дека нема да имаат фер судење, директно се во опасност нивните животи. Обвинението е целосно нејасно. Еден друг наш аргумент е дека се веќе помилувани и се надеваме дека нема да бидат екстрадирани, рече адвокатот Костас Хаѕијоану за грчките медиуми, на 22 декември, пренесува МИА.

На претходните две рочишта, одржани на 13 и 20 декември, беа сослушани адвокатот на обвинетите Петар Василев и професорот Александар Даштевски.

Одбраната на Грујевски и Бошковски, тврдела дека не станува збор за вистински обвиненија. Според грчката новинска агенција, јавува дописникот на МИА од Атина, двајцата поранешни началници во УБК, рекле дека не сакаат да бидат екстрадирани бидејќи „се плашат за нивните животи“, „ дека нема да добијат фер судење“, и дека ги негираат обвиненијата за кои што се товарат, карактеризирајќи ги како нивен „политички прогон“.

Сослушувањата, по барање на адвокатот од Грција, беа зад затворени врати, поради заштита на лицата за кои се бара екстрадиција.

– Нивната заштита е поважна од публицитетот,  рекол, според грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ адвокатот Костас Хаѕијоану на првото рочиште за екстрадицијата на 13 декември. Ова негово барање тогаш го поткрепил со тврдењето дека Грујевски и Бошковски во нивната земја се изложени на ризик од закани и прогон.

Во случај Советот на судии утре да соопшти дека Горан Грујевски и Никола Бошковски треба да бидат екстрадирани во Македонија, тие, според грчките закони, ќе имаат право на жалба во Врховниот суд во Атина.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеси во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември, процес кој може дополнително да ја забави евентуалната позитивна одлука за екстрадиција во Македонија.