Синдикални препукувања ја одбележаа изминатата година

Изборот на нов претседател на Сојузот на синдикати на Македонија и препукувањата на релација Конфедерација на слободни синдикати и Министерство за труд и социјална политика за тоа дали и како функционира Економско-социјалниот совет се дел од настаните кои го одбележаа синдикалното движење во 2017 година.

Годината што измина ќе остане запаметена по изборот на нов лидер на ССМ, што помина со низа контраверзии. По одлуката на Управниот суд од 13 септември годинава дека Дарко Димовски е легитимен в.д. претседател на ССМ, веднаш почна и процедурата за одржување на Вонреден конгрес и избор на нов синдикален лидер. Уште на самиот почеток, при изборот на кандидатите за нов лидер, настана несогласување бидејќи Претседателството и Советот на ССМ ја прифатија само кандидатурата на Дарко Димовски со образложение дека само тој ги исполнува условите, но не и останатите двајца кандидати Пецо Грујовски од УПОЗ и Ацо Антовски од Македонскиот полициски синдикат.

Конгресот почна во Охрид, но под притисок на дел од синдикатите и јавноста беше одложен за да им се даде можност и на останатите кандидати да учествуваат во трката за претседател. На продолжението во Скопје кога во трката влегоа Димовски и Грујовски, за нов претседател беше избран Димовски, но чинот на гласање го напуштија делегатите од гранковите синдикати кои му дадоа поддршка на Грујовски, бидејќи гласањето беше јавно. Од УПОЗ најавија судска разрешница на случајот.

По промената на власта и доаѓањето на Мила Царовска за министер за труд и социјална политика почнаа обвинувањата од Конфедерацијата на слободни синдикати дека не функционира Економско-социјалниот совет и оти на седниците се повикуваат претставници од нерелевантни синдикати.  Од Министерството за труд и социјална политика ги отфрлија обвинувањата дека не функционира ЕСС, притоа посочувајќи дека седници на ЕСС се одржуваат, но оти претставниците на КСС не присуствуваат.

Од КСС неколкупати бараа отпочнување на преговори за зголемување на платите согласно зголемувањето на минималната плата и преговори за измени на Општиот колективен договор за јавниот сектор со посебен акцент на регресот за годишен одмор.

Поради неисполнување на нивните барања најавија јавен предупредувачки протест за 17 јануари во пет минути до 12 пред Владата на Република Македонија. Побараа најдоцна до 16 јануари, Владата да организира средба со цел да се изнајдат заеднички прифатливи решенија.

Годината која престои на синдикален план треба да ги донесе најавените реформи за конечно обединување на ССМ, за загарантирана плата и за враќање на достоинството на работниците и на работничките права. Останува да се види и дали КСС ќе ги реши недоразбирањата со Министерството за труд и социјална политика и со Владата или ќе го одржи најавениот протест.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *