Читателите на книгата „Живот во кутија“ денеска имаа повторна можност, по промоцијата на 16 ноември, да се дружат со нејзиниот автор Томислав Кежаровски и да добијат негов потпис со посвета. Средбата со писателот-новинар, кој во својата прва книга раскажа за осуммесечниот притвор во затворот Шутка, денеска од 12 до 15 часот е организирана во книжарницата Или-Или.
Кежаровски изјави дека на оваа средба сака да го слушне мислењето од тие што ја прочитале книгата која тој ја објави самостојно и по два месеца од нејзиното појавување ја следат позитивни реакции.
– Првите впечатоци што ги добивам од читателите се повеќе од одлични. Читлива е, но е тешка во однос на она што го истакнувам во неа – сите мои подеми и падови во деновите додека бев во притвор. Најмногу ме радуваат позитивните критики од читателите, кои се и најповикани зашто уживаат во пишаниот збор. Не верувам дека темата во книгата им се доапаѓа, но на оваа средба сакам да разменам мислења за начинот на пишување, па во иднина, кога ќе следува продолжение на оваа книга, да се поправам во делот на пишувањето, ако има потреба, истакна Кежаровски.
Се чувствувал, рече, и притисок по објавувањето на книгата. – Но тоа се тие за нив својствени работи. Не се појавува јавно, меѓутоа го прават своето онака како што го правеа и претходно. Се обидуваат, но тоа нема да не спречи, мене и моето семејство, во нашите настојувања да истраеме, рече авторот на „Живот во кутија“.
Книгата веројатно уште овој месец ќе има второ издание, а авторот се подготвува и за нова книга која ќе биде продолжение и надоврзување на првата.
– Вториот дел ќе биде околу „режисерите“ на мојот случај. Сите оние кои, условно, помалку или повеќе придонесоа да појдам во притвор. Работам на прибирање на податоците. Дел од материјалите се уште ги немам видено затоа што можеби и не сум доволно психички подготвен да ги разгледам сите. Оној момент кога ќе бидам во состојба да можам и да бидам растоварен од некои работи за да седнам и да се посветам на тоа, ќе почнам со подготовката. Се надевам дека во догледен период, можеби на крајот на годината, ќе излезе продолжението – втората книга. Но, да оставиме да видиме како ќе се одвиваат работите, изјави Кежаровски.