БПЦ мајка – црква на МПЦ, потег со позитивни реакции и бранувања

 Светиот синод на Бугарската православна црква на 27 ноември одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква. Овој исклучителен потег кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност, предизвика позитивни реакции и во црковните и во световните кругови во двете земји.

Тој следеше по писмото што на 9 ноември Македонската православна црква – Охридска архиепископија го испрати до БПЦ во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.

– Светиот Синод одлучи дека, со оглед на тоа што МПЦ ја признава БПЦ – Бугарска патријаршија за своја мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи се што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ. БПЦ – Бугарска патријаршија, никогаш не била рамнодушна кон страдањата на МПЦ, пишуваше во одлуката од Светиот синод на БПЦ.

Светиот синод на БПЦ одлучи да формира Синодска архиерејска комисија за преговори со МПЦ и останатите помесни православни цркви.

По оваа одлука Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изрази благодарност до бугарскиот патријарх Нефит и до членовите на Светиот архиерејски синод на БПЦ. Според МПЦ-ОА, донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на МПЦ во семејството на помесните православни цркви и очекува и во иднина, БПЦ да и биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел.

Бугарскиот патријарх Неофит рече дека решението за МПЦ се бара толку многу години, па затоа е сложено и треба многу добро да се осмисли. Според него, ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит.

Одлуката на БПЦ да го води и помага целиот процес за признавање на автокефалноста на МПЦ – ОА ја поздрави и премиерот Зоран Заев и ја оцени како исклучително позитивна.

– Како православен верник сум радосен, но уште еднаш ќе повторам Македонија е секуларна држава. Ние не сакаме да се мешаме во односите меѓу црквата, но оваа порака е исклучително позитивна и можам само да ја поздравам затоа што дефинитивно правиме напредок и во делот на признавањето на нашата македонска православна црква, рече Заев.

Тој изрази надеж дека и другите православни цркви ќе го следат примерот.

– БПЦ направи чекор кон евентуално признавање на МПЦ, што претставува како одек на затоплување на односите меѓу владите на двата балкански соседи, напиша новинската агенција „Ројтерс“ за одлуката на БПЦ да прифати да биде промотор на идејата за признавање на МПЦ-ОА во православниот свет. Сепак, агенцијата предупреди дека овој потег најверојатно нема да биде поздравен од други православни цркви, пред се на Србија и Грција, во регион каде што верскиот идентитет честопати е тесно поврзан со националистичките страсти и политиката.

Со реакција се јави и Светиот синод на Грчката православна црква, кој, како што наведе грчкиот православен сајт romfea.gr., наведе дека „одлуката на црквата на Бугарија претставува мешање во надлежностите на друга црква, што е спротивно на светите правила и канонското право и игнорирање на улогата на Вселенската патријаршија“.

„Светиот Синод е загрижен за фактот што БПЦ со нејзините активности се меша во надлежностите на друга православна црква, односно во Црквата на Србија, постапка која е спротивна на светите правила и традицијата на црквата. Светиот Синод посакува да преовлада претпазливост и одлуката на бугарската сестринска црква да не биде конечно спроведена“, соопштуваат од Светиот синод на ГПЦ, објави romfea.gr.

Анализирајќи ја одлуката на БПЦ да прифати да ја застапува МПЦ пред останатите цркви заради утврдување на канонскиот статус, белградскиот дневен весник „Политика” напиша дека ги „возбудила” црковните кругови во Белград.

Пишувајќи опширно за следот на настаните на релација меѓу МПЦ и БПЦ и одлуката на Синодот на БПЦ, весникот повикувајќи се на извори од „врвот на СПЦ напиша дека Светиот архиерејски синод на СПЦ имал редовна седница, на која на маргините се расправало и за настаните во Бугарија. Како што пишува „Политика“, во врвот на СПЦ неофицијално изјавиле дека се „изненадени со одлуката на Бугарската патријаршија и се надеваат дека Синодот во Софија ќе остане на линија на канонскиот поредок на црквата, со оглед на тоа што Охридската архиепископија на чело со архиепископот Јован Вранишковски, после неодамнешната пресуда на Европскиот суд за човекови прашања во Стразбур, е законска канонска црква на тоа подрачје“.

– На православниот народ во Македонија не му се скратени никакви права. Тој факт е потврден не само со канонското право, туку и според највисоките правни акти на Европската унија, наведоа изворите на „Политика“ од СПЦ.

Кога се чинеше дека стивнаа реакциите, бугарската агенција БГНЕС на 21 декември објави дека поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан бил примен од патријархот на БПЦ Неофит. Тоа беше прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка – црква на МПЦ.

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата незавиност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.

– Писмото што го испративме до Бугарската патријаршија дека таа може да е наша црква-мајка едногласно е прифатено од нашиот Свет синод. Некои од соработниците можеби и имаат свое видување, но важно е што решава и вели мнозинството, изјави архиепископот Стефан.

Бугарскиот патријарх Неофит за емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија, рекол дека „не е лесен крстот кој бугарската црква го презема, зошто досега ништо не е направено за решавање на проблемот со македонската архиепископија“.

– Сега со Божја мудрост, учесниците во меѓуцрковната комисија, нека го постигнат резултатот што сите го сакаме, рече Неофит.

Според деканот на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“-Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, неизвесно и неблагодарно е да се дадат какви било проценки пред да се видат кои се следните чекори кои ќе ги преземе БПЦ.

– Очигледно е дека е избрана поинаква, подолга и за нас сè уште непозната патека, рече Ѓорѓевски во интервјуто за МИА.

„Сè ќе беше поинаку доколку БПЦ покажеше одважност и го прифатеше барем предлогот за воспоставување евхаристиско единство меѓу двете цркви. Тоа ќе ги охрабреше и останатите пријателски православни цркви на истиот чекор и дури тогаш ќе можеше да се говори за сериозен напредок во процесот на решавање на македонското црковно прашање“, наведе Ѓорѓевски.

МПЦ – ОА, како што посочи, очекуваше поинаков одговор на своето писмо, согласно двете главни барања кои недостасуваа во одлуката на САС на БПЦ: БПЦ- Бугарска патријаршија да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА и да се воспостави евхаристиско единство меѓу двете цркви.

Смета дека проблемот со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА има силна политичка заднина и затоа е потребно да се создаде соодветна политичка клима за негово позитивно и правилно разрешување. За реакциите во јавноста од темата за БПЦ како „мајка-црква“, Ѓорѓевски појасни дека од страна на САС на МПЦ-ОА било предложено МПЦ да ја препознае БПЦ како „мајка црква“, кога и ако ја прифати и прва ја признае нејзината автокефалност.

– Тоа ќе беше потврда за сторената храброст, одважност и решителност во прифаќањето на реалноста и статусот на Македонската православна црква. Наместо тоа, засега имаме само декларативно прифаќање на „мајчинството“, рече деканот на Богословскиот факултет во Скопје.

Според академиците Владо Камбовски и Георги Старделов, одлуката на БПЦ да се застапува пред другите помесни цркви за востановување на канонскиот статус на МПЦ е чекор во добра насока.

– Сестрински цркви да соработуваат, тоа е добар знак, еднаш да се излезе од оваа заробеност на МПЦ. Секој и најмал знак на признавање, очигледно ова е признавање затоа што, штом ви го прифатат барањето и сериозно се однесуваат кон едно такво барање сигурно е еден знак на признавање. Сега дали во канонска смисла до крај е тоа изведено како признавање тоа не знам, но во секој случај тоа е еден позитивен чекор, рече академик Камбовски.

Според академик Старделов пак, прво треба да се анализираат последиците во иднина што ќе ги предизвикаат овие црковни релации.

Сепак она што ни преостанува е да почекаме и да видиме што ќе значи во иднина овој потег на БПЦ, кој предизвика лавина реакции во јавноста.