Насилниот упад во Собранието, најнегативниот настан за македонската демократија

По дваесет и шест години од независноста, на 27 април 2017 година Македонија го доживеа најнегативниот момент во својата демократска историја, исполнет со насилство во Парламентот. И покрај тоа што веќе има осомничени и притворени за инцидентот, во којшто се вмешани и пратеници, за јавноста не се познати нарачателите на овој настан.

Демократските процеси во Македонија беа блокирани повеќе од четири месеци пред насилниот инцидент во Собранието на 27 април. Блокадата значеше пропаднати преговори за формирање влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по изборите на 11 декември 2016 година, од 30 декември 2016 се оддолжуваше изборот на членови на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања што значеше неможност за избор на претседател на Парламентот, а потоа и избор на нова Влада, која требаше да ја предводи лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев.

Два месеци претходно почнаа протестите на граѓанската иницијатива „За Македонија заедно“ против избор на претседател Албанец на Собранието и против барањата од т.н Тиранска платформа, со која меѓудругото е опфатено и прашањето за унапредување на употребата на албанскиот јазик во Македонија.

За голем дел од граѓаните блокадите и протестите значеа продолжување на неизвесноста во економска, политичка и меѓуетничка смисла, дотолку повеќе што Македонија од 2015 година од објавувањето на прислушуваните разговори беше во криза.

Во Собранието на Република Македонија, 27 април за собраниските известувачи беше ден како и секој друг во месеците по изборите. И таму се чуствуваше неизвесност, но и одредена монотонија. Промена најави информацијата дека во 14 часот за време на паузата прес-конференција ќе одржи тогаш пратеникот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Потенцираше дека демократските процеси во земјата мора да се одблокираат и дека институциите мора да работат во полн капацитет.

– Ја преземаме обврската да продолжиме со демократските процеси, со избор на нов претседател на Собранието и токму од редот од оформеното мнозинсто, истакна Заев, не прецизирајќи ги притоа кои се чекорите и кога ќе се случи тоа.

Нагласи дека парламентарното мнозинство што го сочинуваа СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албанците, нема да дозволи опозицијата во Собранието, Трајко Вељаноски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да продолжат, како што наведе, да го кршат Деловникот, законите и Уставот на Република Македонија и да се изживува и да ги тероризира граѓаните со загрозување на егзистенцијата и нестабилност.

Седницата продолжи после 15 часот и заврши по 18 часот. Во меѓувреме пред објектот на Собранието се одвиваше протестот на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“. Изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието почна веднаш по завршувањето на попладневната сесија после 18 часот. Заев го повика највозрасниот во салата пратеникот Ферид Мухиќ да ја води седницата за избор на претседател на Собранието, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваат „избори“, а потоа ја пеат македонската химна.  Постапката потоа ја продолжува Горан Мисовски од НСДП, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за „државен удар“. Џафери, според објавените снимки, е избран за претседател на Парламентот четири до пет минути по отпочнување на постапката. Додека пратениците од владејачкото мнозинство му честитаат, во позадина се слуша македонската химна. По завршувањето на изборот на Џафери, Заев и другите пратеници од мнозинството се упатуваат во прес-центарот, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ остануваат во пленарната сала. И тогаш се случува упадот на граѓани и насилници во Парламентот.

Од собраниската сала додека се вршеше изборот на Џафери, заминаа пратениците на Беса, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Осомничени дека ги отвориле собраниските порти за луѓето однадвор се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и дел од собраниското обезбедување.

Лицата што упаднаа во Собранието беа од групата предводена од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која протестираше пред објектот.

Некои од нив со и без маски на главата се упатија кон прес-салата каде се случи главниот инцидент.

Според досегашните сознанија на полицијата и обвинителството, упадот се случил околу 19 часот. Вратите на Собранието ги отвориле пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се осомничени и се во притвор, а во тоа улога имало и собраниското обезбедување. Некои од нив се веќе отпуштени од полицијата.

Откако се упатиле кон прес-салата граѓаните меѓу кои и маскираните лица, биле предупредени да не влегуваат. Физички беа нападнати пратеници и новинари, а со телесни повреди се здобија лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратениците Зијадин Села, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски. Пратениците и новинарите беа удирани со држачи за камера по глава, а врз нив беше фрлано со маси, столици и други предмети.

Пратениците беа евакуирани од Собранието со оклопни возила во доцните вечерни часови, а полицијата со шок бомби ги растера демонстрантите од собраниската зграда, а потоа и оние што беа пред самиот објект на Парламентот.

Според извештајот на МВР, 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници побарале лекарска помош во болниците во Скопје.

Полицијата, како што потоа беше констатирано, реагирала многу по упадот. Според одредени информации тоа се случило дури три часа подоцна. Тогашниот министер за внатрешни работи искажа сомнеж дека директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков намерно ја попречувал полициската интервенција. Чавков во моментов е во притвор за случајот.

Два дена по настанот, беа приведени неколкумина учесници во нападот на Собранието. Девет лицата кои влегоа во Собранието беа обвинети за учество во толпа и од судот добија условни затворски казни. Четири години затвор, пак, доби лицето кое ја нападна Радмила Шекеринска.

Поради пропустите на полицијата, од работа беа суспендирани дваесеттина полициски службеници.

ВМРО-ДПМНЕ го осуди инцидентот, но изборот на Џафери за нив е државен удар и тој нема легитимитет. Тогашниот лидер на партијата Никола Груевски пред инцидентот во телевизиско интервју повика на улични протести, но за време на настаните во Собранието беше во Виена.

Сепак, 36 лица, меѓу кои и Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, водачите на „За Заедничка Македонија“, вработени во Собранието и други, осомничени за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа уапсени од полицијата на 28 ноември годинава. Поголем дел од нив се се уште во притвор, а мал дел во домашен притвор.

Најкрвавиот инцидент во Македонската демократија се уште е предизвик за институциите, но и за граѓаните кои бараат одговор кој и зошто сакаше да се случи ваков инцидент во Собранието.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *