Села: Заев доби ново министерско место, но загуби сериозен партнер

Со гласањето на новиот министер за здравство и излегувањето на Алијансата на Албанците од Коалицијата, Владата го изгуби моралот, рече Зијадин Села во вечерашната „Топ тема“ на Телевизија „Телма“.

Според него, премиерот Зоран Заев доби уште едно министерско место, но загуби многу сериозен партнер во однос на реформите и надминувањето на политичката криза.

Како што напомена Села, во политичката игра на ДУИ која има скриена цел поради рејтингот кој и паѓа секој ден кај албанското гласачко тело, Заев гледал свој интерес, да земе добар ресор како што е Министерството за здравство и „да продолжи, не со реформи во здравството, туку со неговите бизнис планови“.

– На почетокот Владата имаше став дека нема да се гради новиот клинички центар зашто има многу други проблеми во здравството и тоа не е решение. Затоа Министерството за здравство и не беше толку интересно за премиерот и другите коалициски партнери. Значи, Министерството не и беше дадено на Алијансата заради Таравари, како што тврдат политичките играчи,  истакна Села.  

Тој напомена дека Албанците во Македонија веќе 15 години живеат во монизам, има само една политичка партија која секогаш победува на изборите.

– И не дека албанските граѓани го сакаат тоа како политичка опција, туку таквата состојба е помогната од македонските партнери, довчера тоа беше ВМРО-ДПМНЕ, а сега на локалните избори тоа беше СДСМ. Тие протестираа за демократија, но најголем проблем на овие локални избори е што Заев спречи демократијата и промената да дојдат и кај албанската популација, рече Села.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *