Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 89. седница, на која требаше да се одлучи за одземањето на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, постапувајќи по барањето за одобрување притвор, поднесено од Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција.
Иако одлуката Собранието, требаше да ја донесе , Џафери по забелешките на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски дека е прекршен Деловникот, бидејќи на неговата пратеничка група не и е дадена пауза од еден час, собранискиот спикер одлучи да ја прекине седницата и изјави дека дополнително ќе ја закаже.
Седницата беше три пати прекинувана со паузи, првиот пат на барање на Елизабета Канчевска Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени. Таа побара пауза бидејќи дури во седум часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница. Втората пауза ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој ги побара стенограмите од репликите, кои си ги искажаа пратениците Антонио Милошоски и Павле Богоевски.
Собранискиот спикер вториот пат даде пауза од 15 минути, со оглед на тоа што за барањето за притвор, требаше да се донесе одлука до 24 часот. Третиот пат Мицевски бараше уште 45 минути, а Џафери даде куса пауза. Мицевски потоа излезе на собраниската говорница и изрази незадоволство поради тоа што не им беше дадена пауза од 45 минути, нагласувајќи дека со тоа Џафери го крши Деловникот и уште еднаш повтори дека надлежната Комисија не донела предлог-заклучок за одземањето на имунутетот на Вељаноски.
Во текот на расправата пратениците од власта и опозицијата се обидуваа да ги докажат своите тези, првите дека седницата за имунитетот на Вељаноски е согласно Деловникот и правно издржана и покрај тоа што претходно на седницата на Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања ист број пратеници беа „за“ и „против“ одземањето на имунитетот на пратеникот, вторите сметаат дека надлежната Комисија не донела предлог-заклучок затоа што немало мнозинство, односно четворица пратеници беа „за, а четворица „против“ одземањето на имунитетот, поради што нема основ за седница.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со забелешка дека Комисијата не донела заклучок. -Што ќе стави сега Џафери на гласање, има извештај, ама нема предлог-заклочок. Штом нема предлог-заклучок од комисија нема точка, рече тој.
Пратениците од СДСМ се повикаа на Деловникот. Во членот 53 ставот пет се наведува дека претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
-А претседателот на Собранието во рок од три дена закажува седница на која се носи одлука. Комисијата не носи одлука, оттаму вашето тврдење дека одлуката е донесена на Комисијата не е точно бидејќи тоа не е согласно Деловникот, изјави пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, која е потпретседател на надлежната Комисија.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ одлуката за одземање на имунитетот на Вељаноски е донесена на друго место, а како што рече Мицевски „тука треба да се изврши само егзекуцијата“.
И забележаа на власта дека со ваквите пракси го поткопува процесот на помирување и оти ја десеткува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во изминатите две години и се одземени осум пратенички имунитети.
Власта смета дека работата на судот не смее да се попречува, а пратеникот Богоевски, одговарајќи на обвинувањето на Милошоски дека обвинителството е продолжена рака на извршната власт рече дека одамна завршила праксата на работење на Марко Зврлевски.
Поранешниот собраниски спикер, се товари дека е еден од организаторите на нападите во Собранието од 27 април 2017 година, заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски.Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Вељаноски заедо со Јанкиески и Ристовски во средата беше приведен на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Велјаноски се повика на пратеничкиот имунитет, а вечерва не беше присутен на седницата, на која се расправаше за неговиот имунитет.