Премиерот Зоран Заев вчера изрази подготвеност за соработка со сите партии во насока на спроведување на реформите и остварување на шансите кои на Македонија и се нудат следната година.
Тој на вчерашната собраниска седница, на чиј дневен ред беа пратенички прашања најави дека останува можноста за соработка со сите партии и тие кои беа досега дел од владиното мнозинство, но и со партиите од опозицијата.
– Алијансата за Албанците ќе ги поддржи реформите и се што е во интерес на граѓаните и во интерес на ЕУ и НАТО интеграција. Верувам дека преку плодна дебата никогаш нема да ги затвориме вратите на соработка. Јас ја сакам соработката и со целата опозиција. Сакам соработка и со Беса и со ВМРО-ДПМНЕ и со нивните коалициски партнери, бидејќи сум убеден дека Македонија има една шанса што не треба да ја пропуштиме, истакна премиерот.
Појасни дека првата половина од 2018 година е одлична можност Македонија по 12 години кандидатски статус да добие датум за почнување преговори, а тука е и можноста на Самитот на НАТО во јули да добие покана за членство.
Соработката, како што рече, е потребна и за решавање на спорот со Грција за името.