„Спектарот на македонскиот проблем“ се враќа на политичката сцена во Грција

„Спектарот на македонскиот проблем“ се враќа на грчката политичка сцена и го става на тест во оваа фаза единството на Владата, бидејќи во владејачката коалиција има две линии.

Интересен елемент од новата дипломатска битка се однесува на прашањето кое датира од пред речиси три децении. Во моментот грчката Влада, од страна на партијата СИРИЗА, ја следи логиката за изнаоѓање компромисно решение, слично на тоа од 1992 година во рамки на озлогласениот „пакет Пинеиро“ (за името „Нова Македонија“), што тогаш грчките политичари го блокираа со образложение дека „зборот ’Македонија’ никогаш не треба да биде дозволен во името на соседната држава“.

Само пред неколку дена грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас директно одговори на прашањето за името на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ): „Ние сметаме дека времето работи за нас, но се покажа дека не е така“.

Таквото признание доаѓа во време кога партијата СИРИЗА бара оправдување за своите постапки, поврзани со нејзините политики на штедење, договорени со кредиторите.

Од таа гледна точка, за неа проблемот за името претставува добра шанса, само што таа шанса во моментот е блокирана од внатре поради позицијата на Панос Каменос, лидер на партијата Независни Грци, помал коалициски партнер во Кабинетот и министер за одбрана.

Во исто време, додека сигналите од ПЈРМ се противречни, на политичката сцена во Грција се создава нова ситуација, која се очекува да влијае и на рамнотежата на силите во главната опозициска партија Нова демократија.

Земајќи го ова предвид и во контекст на реакцијата на Панос Каменос, кој категорично објави дека нема да гласа за поддршка на употреба на зборот Македонија, владејачката коалиција се обидува да го префрли владиниот проблем на главната опозициска партијја.

Портпаролот Димитрис Ѕанакопулос, во одговор на критиките на Дора Бакојани, пратеник од Нова демократија и поранешен министер за надворешни работи, која рече дека коалицијата „оди да преговара за национално прашање во присуство на две различни позиции“, изјави: „Очекуваме таа (Бакојани) да ни каже дали позицијата на сегашната Нова демократија е таа на Константин Мицотакис или на Андонис Самарас (двајцата поранешни премиери) за изнаоѓање решение“.

Но, разидувањето произлегува од фактот што од една страна министерот за одбрана и коалициски партнер, кој повеќепати ги премина неговите „црвени линии“, сега повикува на средба на политичките лидери, а од друга страна – владиниот портпарол Ѕанакопулос изјави дека кабинетот е способен да го реши проблемот, оставен во наследство на земјата од партијата Нова демократија.

Сепак, никој не знае до кога министерот за одбрана Панос Каменос, кој постојано е во контакт со претседателот Прокопис Павлопулос, ќе може да го тегне јажето. Вториот парадокс е што истиот министер ја поздравува позицијата на Никос Коѕијас за ПЈРМ, квалификувајќи го како најдобар министер за надворешни работи.

Лидерот на партијата Независни Грци, кој продолжува да се залага за „караманлизмот“, односно ставот на поранешниот премиер Константин Караманлис, го вади како аргумент за ветото наложено од Караманлис во 2008 година на средбата на НАТО во Букурешт, поради кое Скопје не доби покана за членство во Алијансата.

Со забелешка дека тоа вето продолжува и до денес, Панос Каменос на прес-конференција во Министерството за одбрана, на која даде отчет за својата работа како министер во изминатите две години рече: „Има одлука да не се користи името Македонија. Тоа, за да биде променато, треба да се свика Советот на политичките лидери под раководство на претседателот на државата“.

Покрај тоа, со намера да го надмине постоечкиот внатрешен владин проблем и тој да биде префрлен на Нова демократија, портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос упати критики на адреса на Дора Бакојани, велејќи дека Грција гласаше за поддршка на сложеното име ПЈРМ.

– Таа (Бакојани) се обидува да ја доведе Грција во некоја нејзина визија, изјави портпаролот, ставајќи го на маса името од времето на Андонис Самарас, истакнувајќи дека Нова демократија треба да се договори со поранешниот премиер за тоа каква позиција на крајот ќе преовладува во нејзините редови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *