Брзата ратификација на Протоколот за прием во НАТО во бугарскиот Парламент, е добар пример за тоа колку е силна поддршката на Бугарија и колку за нас е стратешки важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата, изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева по денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Софија.
-Се надевам дека во декември во Лондон ќе бидете полноправен сојузник и оти дотогаш ќе заврши ратификацијата на Протоколот во сите национални парламенти. Важно е во јуни да ги почнете и преговорите за членство во ЕУ, изјави Захариева.
Таа искажа и задоволство од работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања, но и надеж дека ќе се интензивира и бизнис соработката меѓу двете земји.
Захариева рече дека по десетгодишен прекин, во почетокот на март ќе се состане заедничката економска комисија, чија главна тема ќе биде инфрастурата. Најави и бизнис форум со учество на над 100 бугарски компании.
– Треба да ја поправиме историската неправда на лошата инфраструктура што ја имаме меѓу двете држави, треба да го стимулираме бизнисот и граѓаните од двете земји да соработуваат, да се поврзуваат и да градат пријателство врз основа на вистината, рече Захариева. На бизнисот, додаде, „му е потребна нова инфраструктура бидејќи е грев 288 километри да поминувате за четири часа“.
Бугарската министерка за надворешни работи посочи дека интересот на бугарските компании за инвестиции во Северна Македонија е двојно зголемен, а очекува таквиот тренд да продолжи и во иднина.
Министерот Димитров оцени дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство направен е значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија.
– Ако гледаме заедно кон целта и ако се поддржуваме меѓусебно на тој пат, тогаш таа ќе биде достижна, истакна министерот Димитров.
Приближувањето меѓу двете земји, според Димитров, не треба да биде само политички, туку и економски. Тој изрази благодарност за бугарската поддршка за НАТО и ЕУ.
-Имаме интерес да бидеме многу блиски со Бугарија. Тоа е за обострана корист и затоа треба да покажеме мудрост и визија, реме министерот Димитров.
Според него, треба да се поправат сите историски грешки меѓу Бугарија и Северна Македонија за да може билатералните односи да се постават на здрави основи. Треба да направиме се, рече, двете земји да продолжат да бидат пријателски настроени.
Во рамки на посетата, министерот Димитров се сретна и со бугарскиот претседател Румен Радев на која се разговараше за начините на продлабочување на соработката меѓу двете земји, како и за евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија.