Последните денови од животот и смртта на Александар Македонски

Околу Мај, неговите дипломатски претставници се вратија од оазата во Сивах и известија дека Амон изјавил оти Хефестион треба да биде почитуван како херој. Иако идејата за култ на почитување беше отфрлена, Александар Македонски беше многу одушевен дека пророкот одобри среден курс и веднаш нареди Хефестион да добие херојски почести.

Всушност, тој испрати наредби до Клеомен од Наукрат да се изградат два гроба од големи размери и со извонреден сјај на Хефестион, едниот во Александрија, а другиот на островот Фарос. Ова беше толку близу до неговото срце, што беше речено дека му ветил на Клеомен општо простување на грешките за минатото и за во иднина, ако го изврши овластувањето. Но, смртта на кралот веднаш потоа го стопира извршувањето.

Птоломеј, новиот намесник, на кого Клеомен се потпираше, немаше разбирање за изградбата на гробовите. Александар Македонски имаше намера овие споменици да се изградат во египетска Александрија, со индикација дека, според неговите планови, овој град требаше да игра посебна улога во неговата светска империја.

По пристигнувањето на пораката од Амон, вистинскиот закоп на Хефестион се изврши во Вавилон. Александар нареди општа жалост во целата земја. Хефестион не беше веќе мртов, туку херој, а Александар Македонски беше првиот кој приложи жртва што му соодветствуваше на херојот.

Се појави многу тежок проблем околу големиот споменик по смртта на Хефестион што Александар Македонски нареди да се изгради во негова чест во Вавилон. Опишувачот Диодор дава фантастични податоци, кои се темелат врз вистини. Работата му беше доверена на архитектот Деинократ, кој ги скицира плановите за египетска Александрија. На површината од еден четвртест стадион, споменикот требаше да се издига високо над 130 лакти, на пет ката, стеснувајќи се нагоре.

Надворешните sидови на катовите требаше величенствено да бидат декорирани. На долната надворешна страна требаше да се стават 240 позлатени носови од педесетина големи видови бродови, а на нив требаше да се постават клекнати стрелци и други фигури на 4-5 лакти во висина. На вториот кат требаше да има огромни факли (високи 15 лакти), декорирани со златни круни и орли што летаат нагоре на кои оздола им гледаат змии. Околу третиот кат требаше да има ловечка сцена; а околу четвртиот, позлатени кентаури. Околу петтиот кат, пак, лавови и бикови, едноподруго.

Над се’, градбата требаша да завршува со антички македонски и “варварски” оружја, бездруго, не како што мислеше Диодор,  да означуваат победа и пораз, туку да го симболизираат спојувањето на античките Македонци и Персијците во една војска, која потоа кралот требаше да ја командува. Несомнено, варварските оружја беа персиски. На врвот требаше да стојат огромни морски девици, издупчени одвнатре за да стават пејачи кои не ќе можат да се видат, а кои требаше да пеат песни однатре.Трошоците на оваа баснословна и убава градба се движеа од 10.000 до 12.000 таланти. Интересно е да се види како во овој последен уметнички дизајн на епохата на Александар Македонски беа измешани идеите на античката грчка и ориенталската уметност. Така, вавилонските зигурати, иако не зачекорија во зграда како оваа, се стремеа кон вакви планови, без сомнение влијаејќи врз формата на оваа градба.

Сите автори, вклучувајќи го и Аријан, ја нарекоа оваа градба клада, а се претпоставува дека таа била запалена заедно со трупот на Хефестион. Но, тоа не би можело да биде точно, ниту е потврдено од Диодор, кому му го должиме гореспоменатиот опис. Всушност, како што дознавме од гореспоменатите забелешки, зградата била се’ уште незавршена, кога Александар Македонски почина.

Како може да се сфати дека таа гигантска  градба, со своето богатство на различни уметнички вредности била изградена за неколку месеци, во времето меѓу смртта на Хефестион и Александар? Таа никогаш не беше завршена: по смртта на Александар Македонски со наредба на собирот на војската засекогаш беше стопирана нејзината изградба.

Според изворите, Јустин и Плутарх веројатно се во право кога овој споменик го нарекуваат клада а не гробница. Александар Македонски имаше идеја да направи траен споменик за својот почитуван пријател, што по големина и вредност ќе беше на исто рамниште како и колосалните згради на Вавилон, а во срцето на Азија засекогаш требаше да ја зрачи славата на Хефестион, како што ќе го правеше тоа споменикот во Александрија Македонска за западниот свет. Со орнаментацијата и со надворешниот изглед требаше да ја прикажува врската на Хефестион со Александар.

Во сцената на ловот очевидно има илузија на кралската капања на гонење. Бродските носови, македонските и персиските оружја можеби укажуваат на тоа што Хефестион му беше на Александар Македонски верен помагач во неговите поморски планови и во неговата политика на спојување. Тоа, всушност, беа идеите што подоцна го преокупираа кралот.

Решението за периодот на жалост и за свечености во чест на новиот херој веднаш беше проследено со последните подготовки за почетокот на арапската експедиција, која требаше да започне за неколку дена. Во меѓувреме, Александар Македонски приложи жртви за успешниот  исход на експедицијата, другите жртви беа упатени кон пророците, а потоа со своите пријатели организира прослава што траеше цела ноќ.

Се појавија антички грчки уметници и се натпреваруваа со рецитирање на сцени од делото Андромеда на Еврипид. Тој приреди веселба и за војската и го донесе месото од жртвите и виното меѓу полковите. Утрото на 17 даисиос, според македонскиот календар (2 јуни 323 година), кога требаше да си легне, неговиот пријател Медиос го покани на една мала забава во која и учествуваше. Откако стана од спиење вечерта, на истиот ден, повторно отиде кај Медиос и забавата продолжи до зори. Оваа ноќ, меѓу седумнаесетти и осумнаесетти, кај него се појавија симптоми на треска.

Таа беше малариска треска која лесно се добиваше во текот на летото во мочурливите предели на Вавилон. Александар Македонски се поднапи на забавата, како што убедуваат веродостојните извори, спротивно на инвенциите на непријателските преданија. Тој само ги задржуваше пријателите да разговара со нив. Така, многуте прослави, заедно со претерувањата на кои се изложи откако пристигна во Вавилон, можеби ја намалија неговата моќ да и’ се противстави на болеста.

Трогателно е да се следи неговата борба со фаталната болест преку весниците од последните денови, кои беа подоцна публикувани, веројатно за да се побие со официјални документи лагата дека беше отруен. Се гледа колку секојдневно, се’ додека траеше неговата моќ, тој им принесуваше обични жртви на боговите. Над се’, може да се види како неговите целосни мисли беа посветени на претстојната експедиција во Арабија. На 18, иако трески го тресеа цела ноќ, испрати наредба од својот болеснички кревет до генералите дека пешадијата треба да биде подготвена да тргне на 22-ри, а тие да отпловат на 23-ти.

Вечерта на 18-ти беше одведен од кралскиот дворец, во кој живееше на западниот брег, преку реката Еуфрат до кралската градина, каде се надеваше дека свежиот воздух ќе го поврати. Меѓутоа, изгледа се чувствуваше полошо наредниот ден, на 19-ти.

Зборуваше со својот пријател Медиос и се коцкаше со него. Испрати наредби до генералите  да се појават наредното утро. По треската што ја имаше во ноќта, утрото на 20-ти доби извештај од Неарх за состојбата на подготовките за заминување на флотата и за неговите доживувања на океанот, а Александар му ја повтори нему и на другите генерали наредбата дека морнарицата треба да тргне на пат на 23-ти.

Иако треската од 21-ви не го напушти, тој повторно ги викна генералите и им нареди дека се’ треба да биде подготвено за смотра на флотата и за старт, бидејќи постојано се надеваше дека ќе оздравее од болеста и ќе биде готов да тргне заедно со другите.

Меѓутоа, на 22-ри Александар се чувствуваше многу болен, иако им говореше на некои генерали во врска со наименувањата и повторно им издаде наредба за патувањето на море. Бидејќи на 23-ти беше многу болен, не можеше лично да им ги дава своите наредби на генералите за експедицијата; тоа беше денот кога се надеваше дека ќе може да започне експедицијата. На 24-ти им нареди на генералите да се соберат ноќта во дворот, а другите офицери да бидат пред вратите. Очигледна беше вознемиреноста поради најавената состојба на кралот. Наредниот ден, на 25-ти, бидејќи му се влошуваше ситуацијата, тој самиот отиде преку реката Еуфрат до дворецот. Кога таму пристигнаа, еден по еден ги препознаваше генералите, но не можеше да им каже ни збор. Во ноќта и наредниот ден на 26-ти треската беше многу силна. Бидејќи кралот овој ден не се виде со никого, неговите единици, особено Македонците, многу се вознемирија.

Се проширија гласови дека е мртов и дека се прави обид да не се пренесува веста. Така, со закана ги принудија аѓутантите на 27-ми да им ги отворат вратите и сега неговите стари придружници вооружени поминуваа крај неговата постела во долга врволица, тивко и со длабоки чувства на вознемиреност. Тој сега можеше само со тешкотија да мава со главата на некои и тивко да ги поздрави со очите. Тоа беше многу трогателен момент, во кој се заборави што било лошо меѓу кралот и неговите луѓе.

Пријателите на Александар Македонски беа очајни. Човечката моќ ништо не можеше да направи; само боговите можеа да помогнат. Тие не се обратија кон некој антички грчки Бог, туку кон најважниот Бог на Вавилон, Мардук-Бел, кој беше од старо време почитуван како Бог на лекувањето. Вечерта на 27-ми шестмина негови пријатели отидоа кај Мардук, за да примат одговор на прашањето на антички македонски начин со преспивање во храмот, дали ќе биде подобро за Александар Македонски да биде донесен во неговиот храм и да биде лекуван од Бога како негов молител.

Откако заврши нивното преноќевање, утрото на 28-ми (13 јуни) 323 година п.н.е. го добија одговорот од Бога дека Александар Македонски не треба да биде донесен во храмот, туку дека ќе биде подобро за него да остане таму каде што е.

Во ноќта на тој ден, Александар Трети Македонски ги склопи очите за секогаш.

Славе Катин

 

http://makedonskosonce.com

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *