Заменик претседателот на грчката десночарска партија Независни Грци, Панајотис Сгуридис, помалиот коалициски партнер во владата на премиерот Алексис Ципрас, побара референдум за прашањето за името на Македонија, јавуваат грчките весници Нуз 24 и „Параполитика“.
Сгуридис изјавил дека неговата партија нема да гласа име кое ќе го соддржи зборот „Македонија“, и додаде дека „предлогот на Независни Грци е името „Централна Република на Балканот“.
-Ние од партијата Независни Грци сметаме дека државата Скопје треба да постои и може да игра значајна улога на Балканот. Нејзиното приклучување кон НАТО и ЕУ е важно, но тоа треба да се случи без иредентистички напливи. Нашиот предлог за именување е „Централна Република на Балканите“. Тоа е неутрално име, но со извесна динамика во однос на другите земји од регионот, изјави Сгуридис за солунското радио Фокус 103,6.
Тој појасни дека доколку на референдумот грчкиот народ одлучи нешто поразлично, неговата партија ќе ја прифати одлуката. Изјаснувањето е слично на тоа што се оддржа на Кипар за проектот предложен во 2004 година од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за повторно обединување на поделениот остров, смета политичарот.
Сгуридис за радиото уште додал дека референдумот може да се организира откако двете земји ќе постигнат спогодба, која доколку не биде изгласана од Парламентот, може да биде подложена на сеопшто изјаснување.