Македонската кошаркарска репрезентација ја мина и втората пречка на патот кон квалификациите за ЕП 2021 година. Во вториот натпревар од претквалификациската група, во салата на СРЦ “Јане Сандански” македонците ја совладаа Швајцарија со 83-68 и на тој начин дојдоа на чекор од квалификациската група.
Натпреарот имаше неочекуван почеток. Во текот на целото прво полувреме, избраниците на селекторот Јорданчо Давитков играа во грч, и неповрзано, што им дозволи на швајцарците во неколку наврата да дојдат во водство. Но, сепак на крајот на полувремето “црвено-жолтите” успеаја да ја преземат иницијативата и да заминат на одмор со два поени предност, 38-36.
Во второто полувреме сосема различна слика на теренот. Присутната трема како да ја снема, македонците заиграа многу послободно, посигурно и не дозволија противникот во ниту еден момент да се приближи до високото водство. Крајниот резултат беше 83-68.
Кај победникот најдобар на теренот беше натурализираниот македонец, Ричард Хендрикс со 16 постигнати поени и девет скока, а двоцифрени беа и Бобан Стајиќ, Стојан Ѓуровски со по 11, како и Дамјан Стојановски со 10 постигнати поени.