Компаниите да им овозможат на вработените усогласување на работните со семејните задачи

Компаниите во Македонија треба да се стремат кон тоа да им овозможат на вработените усогласување на работните задачи со семејните обврски. За реализација на оваа цел потребно е да се подигне свеста кај работодавачите, да се воведе флексибилно работно време и градинките да работат втора смена.

Претседателот на Бизнис конфередацијата на Македонија, Миле Бошков, смета дека вработените се најважниот капитал во компаниите и оти со создавањето на компании кои се пријателски наклонети кон семејствата, ќе се задржат квалитетните кадри на работа и младите да не ја напуштаат државата.

– Најважно е да работиме на поттикнување на флексибилно работно време. Не е важно дали ќе можеме да обезбедиме можност за работа четири или осум часа, туку како менаџерите ќе можат да обезбедат флексибилна можност вработените да можат да посветат доволно време за семејството и да ги исполнат работните задачи, изјави Бошков пред денешната завршна конференција од проектот за улогата на социјалните партнери во овозможување на усогласеност меѓу работата и семејството.

Бошков вели дека во Македонија има компании што се многу блиску до остварување на оваа цел, но мора да се работи на покревање на свеста во малите и во средните компании.

Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, државата веќе работи на создавање на услови за поголема вклученост на жените на пазарот на труд. Во таа насока, воведена е втора смена во јавните градинки, а ќе се финансира и развојот на домовите за стари лица бидејќи статистките покажуваат оти жените во Македонија сеуште се грижат за своите деца и за постарите лица во семејствата и немаат време да се вклучат на пазарот на труд.

– Во Македонија сме свесни дека бројките укажуваат оти половина од жените не се доволно вклучени на пазарот на труд, а не може да очекуваме економски раст и развој ако нив ги немаме. Ако целиот товар го ставите на една жена, тогаш таа во некои области ќе даде помал придонес, вели министерката Царовска, според која во сите овие процеси важно е и вклучувањето на мажите.

Од друга страна жените претпримачи велат дека работат 50 до 60 часа неделно и немаат време за семејните обврски. Од Здружението на жени претприемачи сметаат дека мора да се направат одредени социјални промени како што се работата на градинките, создавање на услови за грижа на старите лица и поголема вклученост на мажите во сите активности на жената.

Вакви практики, односно пријателски наклонети компании кон семејствата веќе има во Словенија и Хрватска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *