Северна Македонија в понеделник на агендата на министрите за надворешни на ЕУ

 Во наредните часови се очекува да пристигне формалното известување од Македонија до европските институции за употребата на новото име, министрите за надворешни работи в понеделник ќе ја стават земјата на дневен ред.

Советот за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе нотира дека земјата го променила своето име, што не е “ниту прв, ниту последен ваков случај“, објасни висок дипломат на ЕУ за новинарите утрово.

Формалното известување треба да пристигне секој миг во европските институции.

Дипломатите во Брисел велат дека “се многу среќни“ што е решен овој долгогодишен спор и уште еднаш министрите на ЕУ в понеделник срдечно ќе го поздрават Преспанскиот договор и ќе ја изразат својата поддршка за овој процес што треба да донесе повеќе стабилност.

Се очекува в понеделник или високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, која ќе претседава со Советот за надворешни работи, или еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кусо да ги избрифираат министрите за стапувањето на сила на новото име, договорено од страна на двете земји.

Откако ќе пристигне известувањето од македонската држава во европските институции, прашање на денови е целосно да се примени употребата на Северна Македонија во официјалната комуникација на Европската Унија, велат дипломатски извори за МИА.

Преспанскиот Договор и решавањето на спорот за името утринава било споменато и од Мајк Помпео за време на неговата средба со Могерини. И двајцата изразиле задоволство за затворањето на дводеценискиот спор меѓу Скопје и Атина.