Алијанса за Албанците најави дека излегува од Владата, Заев вели оставките се очекувани

Алијансата за Албанците најави дека излегува од Владата и оти најверојатно денеска сите  заменици-министри, државниот секретар во Министерството за правда, како и именуваните директори ќе се повлечат од функциите.

Заминувањето на Алијансата за Албанците од Владата доаѓа неколку дена по изборот на новиот министер за здравство, ресор кој до пред локалните избори го имаше Арбен Таравари.

Во замена за здравството, премиерот Зоран Заев на Алијансата за Албанците и понуди вицепремиерско место за спроведување реформи, но лидерот на Алијансата, Зијадин Села го одби.

И покрај одлуката да си заминат од Владата, од Алијансата најавија дека ќе ги поддржат законите и реформите неопходни за членство во НАТО и во ЕУ.

Премиерот Заев како очекувани ги оцени оставките на функционерите од Алијансата за Албанците на државните функции.

– За мене е логичен чекор заради тоа што Зијадин Села на состанокот во мојот кабинет беше дециден дека не прифаќа потпретседател на Влада за реформи. Сепак остави можност да дискутираат во партијата, а тоа го направија. Се понадевав дека ќе останат во Владата и дека ќе доразмислат за понуденото место, но веројатно конечно се откажале од прифаќањето на понудата, а согласно тоа ги прави чекорите за повлекување на своите луѓе, рече вчера Заев одговарајќи на прашање по промоцијата на финалната верзија на Планот за економски раст.

Тој нагласи дека ќе ја почитува одлуката на Алијансата за Албанците каква и да биде, но сепак како што кажа, остава отворен прозор за соработка во интерес на граѓаните и реформите.

– Сметам дека таму има квалитетни луѓе со кои јас лично би соработувал. Јас не сум човек што брза со одлуките веднаш некого да разрешам и ќе почекам да видам што ќе се случува, потенцира Заев.