Џафери: Опозицијата да се врати во Парламентот, не и требаат избори на Македонија (ДПЛ)

Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува и убеден е дека опозицијата ќе се вклучи во работата на парламентарните тела и заседанија од 9-ти јануари следната година, за кога ќе биде закажано продолжение на седницата за законот за јазици и избор на уставни судии. Џафери на денешната средба со новинарите кажа дека во 2018 година на Македонија не и требаат нови избори, туку сите да вложат напори за добивање позитивен извештај и почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Според Џафери, политичката криза во Македонија заврши пред шест месеци и оти политичката ситуација во земјата е стабилна без разлика на настаните со опозицијата и излегувањата на една од партиите од Владата.

– Очекувањата се дека сите оние превирања внатре во политичките партии којшто се случија на крајот на годината да се надминат и првите работни денови на Собранието, од 9-ти па натаму моите очекувања се дека Собранието да биде во полн состав со учество на опозицијата и сите политички партии, имајќи ги предвид и нивните претходни изјави дека ќе бидат присутни и особено за реформските закони, а во контекст на очекувањата од Извештајот на ЕК и напредокот на Република Македонија, изјави првиот парламентарец.

Очекува 2018 година теба да биде со редовен тек на работа.

– Тоа и го посакувам и го очекувам од политичките партии, рече Џафери имајќи предвид дека Македонија во април треба да добие позитивен извештај од ЕК со датум без услови за почеток на преговори со ЕУ и со такон однос сите субјекти да придонесат кон можното решение за спорот со името.

Првиот парламентарец смета дека на Македонија во 2018 година не и требаат избори и оти се што требало да им се каже на граѓаните им е кажано, имајќи предвид колку често се одржуваат избори во Македонија.

Никој не треба да помисли да има нови избори во 2018 година, вели Џафери, тоа е несеризно имајќи го предвид она што го очекуваме во април годинава, но и тоа како би можеле да се одразат на економијата, на работата на локаните власти и воопшто на институциите.

Изготвена е драфт верзија на Деловникот за работа на Собранието којшто заедно со Етичкиот кодекс треба да се разгледуваат во рамки на процесот „Жан Моне“, средба на претставници на пратеничките групи која, според Џафери се очекува да се случи во околината на Париз на 25 и 26 јануари.

Во однос на неговиот став дека одлука за промена на името може да донесе и Парламентот, Џафери кажа дека од формално правен аспект може да се реши и со одлука во Собранието затоа што пратениците е народни избраници.

– Но тоа е работа на политичка волја, ако има општ политички консензус сите субјекти во Собранието ги претставуваат сите граѓани во Македонија и во тој формално правен контекст може така да се реши. Работа на одлука е дали тоа ќе се потврди и во друг процес, изјави претседателот на Собранието.

Доколку претседателот Ѓорге Иванов не го потпише законот за употреба на јазиците во рок од десет дена по неговото носење, што според Џафери би требало да се случи веднаш по божикните празници, законот се враќа во Парламентот и во рок од 30 дена треба повторно да биде ставен на седница на гласање.

Џафери не очекува ратификување на договорот со Бугарија пред 15 јануари и дека очекува присуство на седницата и на опозоцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *