Формирана мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите

Советот за етика во медиумите денеска ја промовираше формираната мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите, со очекување да има важна улога пред се во заштитата на човековите права. Основна цел е превенција на ширење на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичко вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на пошироката популација за негативните последици од говорот на омраза.

Во таа насока е потпишана Декларација против говорот на омраза во медиумите и интернетот. Во декларацијата меѓу другото стои дека членките на мрежата ќе работат на развивање механизми за препознавање и пријавување на случаите на говор на омраза до надлежните институции и тела, ќе работат во рамки на своите надлежности на развивање облици и поддршка и заштита на новинарите и медиумските претставници, ќе се залагаат за афирмирање на улогата на медиумите, но и на провајдерите на услуги и на социјалните мрежи во спречувањето на говорот на омраза, како и координирано иницирање програми, саморегулаторни механизми и интерни кодекси на медиумите и провајдерите на услуги, како и други превентивни мерки со кои ќе се спречи употребата на говорот на омразата во јавната сфера, без притоа да се загрозува правото на слобода на изразување.

Според Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите, говорот на омраза во медиумите продолжува да биде проблем.

– Саморегулацијата не е единствениот лек за говорот на омраза во медиумите, особено во општество во кое долго време отсуствувале демократските капацитети, рече меѓудругото Тунева.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, посочи дека последниот извештај на ЕК од 2018 година наведува дека правната рамка за говорот на омраза генерално е во согласност со меѓународните стандарди, но, истакна, нејзината имплементација треба да се подобри. Политичката поларизација, рече, се рефлектира на интернет медиумите каде се забалежува поголемиот дел на говор на омраза и прекршување на новинарскиот етички кодекс.Изрази уверување дека воспоставувањето на оваа мрежа ќе има влијание на јавното мислење и ќе го спречува говорот на омраза во медиумите. Со помош на мрежата, посочи, членовите ќе истражуваат мерки за намалување на говорот на омраза во медиумите и ќе анализираат зошто останува сеприсутен елемент кој  води кон криминал од омраза.

– Кога се зборува за говорот на омраза во медиумите кај нас значи да се влезе во приказна која има почеток, но нема крај. Тој почеток почна да се појавува во медиумите во Македонија со политичките промени во општеството кон крајот на 20.век, изјави Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ.

Според него, обидите да се спречи или да се намали говорот на омраза во медиумите не даваат резултат, а за тоа има повеќе причини меѓу кои одбрана со правото на слобода на говор, или наметнување цензура на медиумите. Адамчевски смета дека во Македонија и во регионот посебно се нагласува говорот на омраза во порталите и на социјалните мрежи. Информира дека порталите се најбројните нарушувачи не само на етиката, туку и на правото, бидејќи, спомена, говорот на омраза е и кривично дело. Адамчевски наведе дека од 2014 година до 2017 година се евидентирани 41 случај, што се речиси 30 проценти од сите добиени претставки за нарушување на етиката во медиумите во тој период. Во 2017 година подвлече, тој процент е намален и е 13 проценти од вкупно добиени претставки. Смета дека со намалувањето на политичката поларизација, се намалува и говорот на омраза. Новите политички битки, оцени тој, се одразиле и на бројот на претставките такашто во 2018 година скокнале до над 23 проценти.

Декларацијата денеска ја потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Народниот правобранител Иџет Мемети, Наташа Габер Дамјановска директор на Академијата за судии и Јавни обвинители, првите луѓе на ЗНМ и на МИМ, претставници на ССНМ и на Хелсиншкиот комитет, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Центарот за развој на медиуми, Институтот за комуникации, Коалицијата Маргини, Фондацијата метаморфозис и други.