Средба на Груби и Туфегџиќ со Федерик Петит пратеник од Парламентот на Франција

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби и координаторот на Клубот на млади, пратеникот Ивана Туфегџиќ денеска остварија работна средба со Федерик Петит пратеник од Националното Собрание на Република Франција, во придружба на амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние.

Пратеникот Петит, како што стои во соопштението од  собраниската Комисија за европски прашања, ја потврдил искрената и континуираната поддршка на Република Франиција за евроатланските аспирации на Република Македонија, при што ја потенцирал француската поддршка во контекст на зачленувањето во Европската Унија и НАТО Алијансата.

– Франција континуирано продолжува внимателно да ги следи случувањата и останува  силно посветена на евроатланската интеграција на Република Македонија, се подвлекува во соопштението.

Петит меѓу другото истакнал дека Република Франција е на страната на Македонија, а односите помеѓу политичките партии внатре во Собранието на Република Македонија се од суштинско значење за државата. Тој го поздравил усвојувањето на уставните амандмани, како важен чекор на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО Алијансата.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Груби се заблагодарил за  поддршката на Франција за нашите евроинтегративни процеси и информирал за успешно завршените задачи на почетокот на годинава, со посебен акцент на  усвоените уставни амандмани, со кои се имплементираше Преспанскиот договор, со што се надмина блокадата од Република Грција за добивање на датум за почеток на претпристапните преговори со Европската Унија. Во однос на реализацијата на реформите во владеењето на правото, а кои ги бара од Европската Унија, известил и за неодамна  усвоениот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси, како и за повеќе закони од областа на правосудството, реформите во безбедносиот сектор и јавната администрација кои се во крајна фаза на донесување во Собранието на Република Македонија.

Координаторот на Клубот на млади, пратеникот Туфегџиќ изразила благодарност за постојаната подршката што ја дава Република Франција за Република Македонија,  напоменувајќи дека соработката ќе продолжи и во иднина на едно повисоко ниво.

– Франција е долгогодишен партнер поддржувајќи голем број на проекти од младинската политика во Република Македонија и во тој домен се заблагодари за таквиот пријателски однос и се надева дека таквата соработка ќе продолжи и во следниот период, се вели во соопштението.

На средбата, биле разменети и мислења за актуелните служувања во Европската Унија, Франција, Македонија и во регионот. Било констатирано дека на земјата и претстојат  многу обврски, кои ќе произлезат  по почетокот на преговорите по поглавјата, при што било истакнато дека Франција е подготвена да  даде секаков вид на поддршка.

Соговорниците изразиле поддршка за интензивирање на целокупната соработка на младинските организации кои што функционираат и кои што работат во полето на промоција на младинските политики.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *