Грчкиот Парламент расправа за ратификација на Договорот од Преспа

 Во 10 часот по локално време започнува расправата на пленарна седница во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а гласањето на пратениците ќе биде утревечер.

Седницата ќе трае колку што ќе биде потребно, односно во зависност од бројот на пријавени пратеници за збор.

Проценките и пресметките се дека Договорот ќе биде ратификуван со најмалку 151 глас, а судејќи според последните јавни изјави на пратениците, веројатно е да биде ратификуван со 153 гласа „за“, јави дописничката на МИА од Атина.

На расправата и претходеше дводневна парламентарна комисија, а по обраќањето на 38 пратеници и двајцата известувачи  и вкупно 12 часа дискусија,  Комисијата за надворешни работи и одбрана на грчкиот Парламент го усвои нацрт закон според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа.

-Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата и на присутните членови, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА, Костас Дузинас на крајот од расправата.

Со говор, седницата ја затвори алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос кој говореше за успешен договор и рече дека „очекува одговорност, чувство за национална одговорност и искреност од сите политички сили“.

Претходно, дискусија се отвори околу термините националност и државјанство, но и дали со Договорот од Преспа се признава или не „македонски народ“.

Катругалос рече дека државите признаваат држави, а не народи или нации, а самоопределувањето не може да биде предмет во договорите.

Јоргос Кумуцакос од Нова демократија коментираше дека во договорот, во делот за државјанство требало да биде само терминот „ државјанство на Северна Македонија“.

Во продолжение реагираше и поранешниот коалиционен партнер во владата, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, велејќи дека, „Катругалос рече дека е нивно право да се самоопределуваат како македонски народ“.

Тема на дискусија беше и барањето на опозициската Нова демократија, повторено од надлежниот за надворешна политика во партијата, Јоргос Кумуцакос, да биде доставен целиот македонски Устав, како и текстот со оставката на Коѕијас.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, му објасни на Кумуцакос дека во соседната земја, амандманите не се вметнуваат во Уставот, туку се додаваат на крајот од уставниот текст и му посочи дека уставните измени се вклучени во Вербалната нота доставена и во грчкиот Парламент.

На дводневната расправа збор зедоа пратениците, кои ги повторија позициите на нивните партии, оние кои што се „за“, говореа за позитивните аспекти на Договорот, додека пак оние што се „против“ со свои аргументи го поддржаа овој нивни став, објаснувајќи зошто нема да гласаат за ратификација на договорот меѓу двете земји.

Позитивно за договорот говореа пратениците од СИРИЗА, како и независниот пратеник Данелис и Мавротас од Река.

– Македонија не е една и грчка. Грчката Македонија е грчка. Постојат многу Македонии. Македонии и на другите, кои јасно се одредуваат со Договорот од Букурешт со нашиот потпис, со грчки потпис. Па така, кога слушаме „Македонија е една и грчка“, тоа се сфаќа како иредентизам, рече пратеникот од СИРИЗА, Никос Филис кој објасни дека „Македонија стана грчка“.

Јанис Аманатдис, пратеникот од СИРИЗА во неговото обраќање рече дека договорот е урамнотежен, национално корисен, ѝ служи на националната позиција и треба да биде изгласан од грчкиот Парламент.

Пратеникот Спирос Данелис, кој поради позитивниот став за договорот беше избришан од пратеничката група на Река, рече дека „вистинскиот патриотизам бара самодоверба и почитување на патриотизмот на другите“.

Опозициските партии, Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора, Независни Грци, Сојуз на централисти и Комунистичката партија на Грција, заедно со независниот пратеник Димитрис Каменос, се против договорот.

Голем дел од пратениците од Нова демократија, во нивните говори го споменаа протестот во неделата, како одговор на граѓаните во однос на Договорот од Преспа.  Пратеникот Атанасиос Кавадиас од опозициската партија рече дека 7 од 10 Грци не се согласуваат со договорот и ја повика владата да ги слушне граѓаните.

Василис Кикиљас од Нова демократија, повтори дека во тие веруваат и сметаат дека „договорот е штетен за Грција, бидејќи отстапува суверени права и додаде дека за конкретниот договор „нема мнозинство во општеството и нема мнозинство во грчкиот Парламент“.

Василис Кегероглу од Демократска алијанса, рече дека договорот бил донесен без национален консензус, а „решението го зајакнува иредентизмот на другата страна“.

Независниот пратеник Димитрис Каменос кој е против договорот на членовите на комисијата им ја прочита македонската химна, коментирајќи дека „соседите се горди на Македонија, а не на Северна Македонија“.