Со финализацијата на Договорот од Преспа во Скопје и во Атина, официјална Москва деновиве ги актуелузира своите ставови околу прашањето за името и членството на Македонија во НАТО. Прво преку соопштение од руското МНР, па со изјавите на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, неговиот заменик Александар Грушко, и на крајот преку интервјуто на претседателот Владимир Путин за српски медиуми пред неговата посета на Белград, уште еднаш беше упатена пораката дека Русија не сака Македонија да биде дел од НАТО, дека зад тоа стојат надворешни сисли пред се САД, и дека конечниот договор за името ќе треба да биде разгледан во Советот за безбедност на ОН.
Македонската Влада не сака да ги коментира изнесените ставови од страна на официјална Москва, но нагласува дека стратешката цел на Македонија е членство во НАТО и ЕУ, а Договорот од Преспа не само што не задира во интереси на трети страни, туку суштински придонесува за регионалната стабилност.
Владиниот портпарол, Муамед Хоџа на вчерашната редовна прес-конференција изјави дека Владата на Република Македонија е посветена на својата цел за членство во НАТО и ЕУ и очекува тоа да се постигне со ратификацијата на Преспанскиот договор и во грчкиот Парламент.
-Позициите на Владата на Република Македонија во однос на нашето зачленување во НАТО и ЕУ се познати. Не сакаме да коментираме интервјуа на различни личности, бидејќи Владата е посветена на својата цел – нашето зачленување во НАТО и ЕУ. По ратификацијата на Преспанскиот договор кај нас, очекуваме тој да биде ратификуван и во грчкиот Парламент и со тоа Македонија ќе го исцрти зацртаниот пат кон НАТО и ЕУ, рече Хоџа, запрашан во врска со ставот изнесен од страна на рускиот претседател Путин.
Путин во пресрет на денешната посета на Белгрд, во интервјуто за весниците „Политика“ и „Вечерни новости“ даде оценка и за Македонија, дека постои силен надворешен притисок за нејзнино зачленувањето во НАТО, и при тоа ја искажа и определбата на Русија дека помагањето и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност е нашиот безусловен приоритет.
– Кога зборуваме за ситуацијата на Балканот, сериозен дестабилизирачки фактор тука преставува политиката на САД и на некои западни земји, чија цел е зајакнување на нивната доминација во регионот. Уште во 1999 година, силите на НАТО без санкција на ОН два и пол месеци ја бомбардираа Југославија, а потоа насилно ја одделија автономната покраина Косово. Во 2008 година, Вашингтон и неговите сојузници го подржаа нелегитимното прогласување на независноста на Косово. Во 2017 година, и покрај ставот на половина од населението, Црна Гора беше вовлечена во НАТО. Беа исплашени од референдумот за ова прашање и како резултат на тоа, земјата сега минува низ период на политичка нестабилност, вели Путин.
Минатата година, наведува рускиот претседател, „поради форсираното зачленување во НАТО на Република Македонија, беше дури покренат и процесот на усвојување на уставните амандмани и промена на името на државата, ревизија на основите на македонскиот национален идентитет“. При тоа, според него, била игнорирана волјата на македонските гласачи оти референдумот за промена на државното име не успеал, но надворешниот притисок продолжил.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров на вчерашната прес-конференција во Москва на која ги претстави резултатите од работата на руската дипломатија во 2018 година истакна дека Русија не е против новото име на Македонија, ниту против договорот меѓу Грција и Македонија околу името, туку го оспори легитимитетот на процесот, кој оценува дека не бил на ниво што го бара македоснкиот Устав.
Русија, рече Лавров, го поставува прашањето во која мера договорот за името на Македонија е резултат на стремежите на двете земји и народите на двете земји да најдат решение и компромис, а во која мера е резултат на “заложбите на САД сите земји на Балканот да ги бутнат во НАТО”, што е можно поскоро и да се запре секое влијание на Русија во регионот.
Претходно заменик министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко изјави дека Москва не се меша во внатрешните работи на Атина во ситуацијата поврзана со името Македонија, но ќе продолжи да го искажува мислењето по тоа прашање, бидејќи тоа е во надлежност на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Според него, коментарот на руското МНР со кој се осудува одлуката на македонскиот Парламент да го промени Уставот заради промена на името на земјата претставува суштинска оценка за тоа „како течеле преговорите (помеѓу Атина и Скопје за преименување на Македонија), под чиј меѓународен притисок и за мешањето без преседан кој го покажал западот во постигнување на потполно јасни геополитички цели“.
Грчкото Министерството за надворешни работи во реакцијата по соопштението на руското МНР во врска со Договорот од Преспа, соопшти дека Договорот уште од потпишувањето придонесува во зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот, воедно е и меѓународно признат модел за решавање на разликите меѓу две независни суверени држави под покровителство на ОН, без мешање на трети страни.
-Споменување на политички случувања во внатрешноста на земји пријатели од руското Министерство за надворешни работи не е во согласност со нивото кое ги карактеризира грчко-руските односи и трајните врски на пријателство меѓу нашите народи, велат од Министерството за надворешни работи на Грција и додаваат дека ова овој случај „секако не е сфера за коментари од страна трети страни“.
И македонското Министерство за надворешни работи објави реакција на коментарот на руското МНР во врска со усвојувањето на уставните измени што произлегуваат од Договорот од Преспа, напоменувајќи дека овој Договор не само што не задира во интереси на трети страни, туку суштински придонесува за регионалната стабилност.
-Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите, се наведува во реакцијата на македонското МНР.