Излезе од печат делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин

31Излезе од печат делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин  
По повод Новогодишните и Божикните празници излезе од печат книгата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин, публицистот кој е голем вљубеник во својата родна Преспа и во Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во Македонците од сите делови на Македонија расселени насекаде во светот

Славе Катин и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни  публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Покрај 55-те публикации, во период од педесет и пет години Катин е автор и на повеќе од 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература и други области, објавени, главно, во информативни гласила во Република Македонија и странство.

Дело „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин е плод на неговите патувања по светот. Имено, како член на државни и црковни делегации тој бил на посети и разговори кај поглаварите на Румунската, Украинската, Руската и  Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбул  и 5 пати бил во делегации во Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија, а многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква-Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, во Европската Унија, Турција, Израел, Русија, Украина, Бразил и други земји.

Публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин, е дело на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и на Фондацијата „Џорџ Атанасоски’ од Прилеп. Рецензенти на ова дело кое е на англиски јазик, на 432 страници се покојниот академик Антонио Шкокљев-Дончо и бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.

Во ова публикација е запишано дека Македонија има долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај населението што со векови живее на овие простори и кај Македонците од етничка Македонија ширум светот.

Македонија е земјата каде древните Македонци и Римската цивилизација оставиле бројни траги, а потоа христијанството и исламот долго се бореле за превласт. Таа е земја каде што се судирале, но и меѓусебно проникнувале древно-македонсиот, елинскиот,  римскиот, словенскиот, муслиманскиот, српскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот и други  етноси и каде македонскиот народ опстојал под сите видови притисоци и вековни обезличувања и се зачувал со силата на својата исконска култура и традиција.

Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи Македонците да си формираат свои суверени и независни држави. Многу тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира државата-Република Македонија, а уште потешко се стекна слободата и, сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, да се гради, да се чува и да се развива новосоздадената држава.

Во делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), е даден развојниот пат на македонското иселеништво, кое во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се  движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред се’, од тешките економски услови за живеење и работа, а во многу помалку случаи и од причини што имаат национално-политички карактер. Тешките, лоши, често и невозможни услови за живеење и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци да се определат, покрај другото, и за преселби во многу земји во светот

Во оваа публикација осебно е дадена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клубски и други асоцијативни  облици на собирање  во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации.

Делото е поделено на седум глави. Првата глава е насловена „Вистината за Македонија“, потоа следат главите „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, „Македонците во светот“. „Македонски асоцијации во САД“, „Македонски асоцијации во Канада“, „Македонскиот печат во Австралија и Европа“ и седмата глава е посветена на Македонците во соседните земји.

Во делото е посебно нагласено дека од 1991 година до денес Македонија минува низ сцилите и харибдите на својата демократска трансформација. Жилаво се бори со тешките економски, социјални, меѓуетнички, верски и други проблеми, кои ја потресуваат од корен. Македонската млада држава, се’ уште не може да се ослободи од старите апетити на некои соседи, но и од глобалните интереси на големите држави, кои се прекршуваат на Балканот, по распаѓањето на комунизмот во Источна Европа.

Исто така, се вели дека хендикеп за Македонија се и внатрешните партиско-политички конфронтации, неединството во македонскиот политички блок и агресијата на некои соседни држави. Македонскиот народ и деловите од него иселени во САД, Канада, Австралија, Европа и ширум светот, веќе дваесетина години заедно се во грч како да се излезе од досега затворениот маѓепсан круг на промените и да се влезе во една релативно помирна фаза на стабилизација на земјата и консолидација на нејзиниот стопански развој врз принципите на пазарната економија.

Во делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), исто така се вели дека и покрај негативните појави на политички, општествен, стопански, културен, верски и друг развој, Македонецот, како библиски народ има верба, надеж и љубов кон иднината и се надева дека ќе опстои се’ додека светот светува и веков векува.

„Македонска нација“