Излезе од печат делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин По повод Новогодишните и Божикните празници излезе од печат книгата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин, публицистот кој е голем вљубеник во својата родна Преспа и во Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во Македонците од сите делови на Македонија расселени насекаде во светот Славе Катин и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Покрај 55-те публикации, во период од педесет и пет години Катин е автор и на повеќе од 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература и други области, објавени, главно, во информативни гласила во Република Македонија и странство. Дело „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин е плод на неговите патувања по светот. Имено, како член на државни и црковни делегации тој бил на посети и разговори кај поглаварите на Румунската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбул и 5 пати бил во делегации во Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија, а многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква-Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, во Европската Унија, Турција, Израел, Русија, Украина, Бразил и други земји. Публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин, е дело на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и на Фондацијата „Џорџ Атанасоски’ од Прилеп. Рецензенти на ова дело кое е на англиски јазик, на 432 страници се покојниот академик Антонио Шкокљев-Дончо и бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски. Во ова публикација е запишано дека Македонија има долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај населението што со векови живее на овие простори и кај Македонците од етничка Македонија ширум светот. Македонија е земјата каде древните Македонци и Римската цивилизација оставиле бројни траги, а потоа христијанството и исламот долго се бореле за превласт. Таа е земја каде што се судирале, но и меѓусебно проникнувале древно-македонсиот, елинскиот, римскиот, словенскиот, муслиманскиот, српскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот и други етноси и каде македонскиот народ опстојал под сите видови притисоци и вековни обезличувања и се зачувал со силата на својата исконска култура и традиција. Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи Македонците да си формираат свои суверени и независни држави. Многу тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира државата-Република Македонија, а уште потешко се стекна слободата и, сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, да се гради, да се чува и да се развива новосоздадената држава. Во делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), е даден развојниот пат на македонското иселеништво, кое во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред се’, од тешките економски услови за живеење и работа, а во многу помалку случаи и од причини што имаат национално-политички карактер. Тешките, лоши, често и невозможни услови за живеење и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци да се определат, покрај другото, и за преселби во многу земји во светот Во оваа публикација осебно е дадена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клубски и други асоцијативни облици на собирање во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации. Делото е поделено на седум глави. Првата глава е насловена „Вистината за Македонија“, потоа следат главите „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, „Македонците во светот“. „Македонски асоцијации во САД“, „Македонски асоцијации во Канада“, „Македонскиот печат во Австралија и Европа“ и седмата глава е посветена на Македонците во соседните земји. Во делото е посебно нагласено дека од 1991 година до денес Македонија минува низ сцилите и харибдите на својата демократска трансформација. Жилаво се бори со тешките економски, социјални, меѓуетнички, верски и други проблеми, кои ја потресуваат од корен. Македонската млада држава, се’ уште не може да се ослободи од старите апетити на некои соседи, но и од глобалните интереси на големите држави, кои се прекршуваат на Балканот, по распаѓањето на комунизмот во Источна Европа. Исто така, се вели дека хендикеп за Македонија се и внатрешните партиско-политички конфронтации, неединството во македонскиот политички блок и агресијата на некои соседни држави. Македонскиот народ и деловите од него иселени во САД, Канада, Австралија, Европа и ширум светот, веќе дваесетина години заедно се во грч како да се излезе од досега затворениот маѓепсан круг на промените и да се влезе во една релативно помирна фаза на стабилизација на земјата и консолидација на нејзиниот стопански развој врз принципите на пазарната економија. Во делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), исто така се вели дека и покрај негативните појави на политички, општествен, стопански, културен, верски и друг развој, Македонецот, како библиски народ има верба, надеж и љубов кон иднината и се надева дека ќе опстои се’ додека светот светува и веков векува. „Македонска нација“
|