За првпат во Македонија, трговците избраа 100 брендови што секоја подобро снабдена продавница треба да ги има на своите полици во 2019 година. Изборот е во организација на магазинот „In Store“, специјализиран магазин за трговија со стоки за широка потрошувачка.
Брендовите се објавени во специјалното издание „100 MUST HAVE 2018/2019“, што од денеска бесплатно се дистрибуира.
-Се надеваме дека преку проектот „100 MUST HAVE“ производи ќе ја олесниме работата на трговците и на производителите/дистрибутерите, кај едните за изборот, кај другите за поставување на нивните производи во малопродажните места низ Македонија. Ова е мал придонес во вечната борба за полица, борба која брендовите што се најдоа меѓу 100-те избрани од трговците успешно ја водат на повеќе полиња, изјави Верица Мартиновска, директорка на „In Store“.
Изборот беше направен врз основа на телефонска анкета што ја спроведе „In Store“ во октомври и ноември 2018 година, на примерок од 300 испитаници, во 50 категории производи.
„100 MUST HAVE„ беа селектирани од вкупно 800 брендови што се споменати во анкетата.
Изборот e регионален проект на „In Store“, а специјална едиција беше издадена во Босна и Херцеговина, а се подготвува и во Србија.