Јасна определеност на Владата кон реформите во важните области за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и за квалитетот на живот на граѓаните во земјава, изразил премиерот Зоран Заев, денеска на средбата со Андрес Самуелсен, министер за надворешни работи на Кралството Данска.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, премиерот Заев посебно ги објаснил реформите што се прават во делот на правосудството и владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, професионалните безбедносни служби, медиумите, ефикасната јавна администрација.
-Фокусирани сме на изградба независни институции во држава. Посебно сме насочени кон обезбедувањето владеење на правото. Реформите ги правиме низ инклузивен процес. Свесни сме дека политичката стабилизација на државата и евро-атлантските интеграции значат и економски развој на државата и во таа насока ги преземаме сите чекори. Градиме добрососедски односи, што го покажуваат договорите со Бугарија и со Грција. Заокружувањето на уставните измени ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и очекуваме тоа да се случи, бидејќи огромното мнозинство граѓани во Република Македонија очекува евро-атлантска иднина на нашата држава, рекол премиерот Заев.
Самуелсен, пак, се посочува, истакнал дека Македонија е добредојдена во НАТО, како и дека Данска ги поддржува и перспективите на Македонија за членство во Европската унија.
-Данскиот министер Самуелсен изрази надеж за успешни реформи во рамки на техничка подготовка за почеток на преговорите, во делот на владеењето на правото, како и резултати од законите што се носат во Парламентот. Исто така, ги поздрави добрососедските односи на Македонија и Договорот со Грција, како дел од интеграциските процеси на нашата земја и како добар пример на решавање билатерални прашања, се наведува во соопштението.