Договорена соработка меѓу Институтот за јавно здравје и германскиот институт „Роберт Кох“

Меморандум за соработка потпишаа Институтот за јавно здравје од Македонија и Институтот „Роберт Кох“ од Германија, која е една од водечките институции на полето на превенцијата на заразни болести. Документот го потпишаа првите луѓе на двете институции Шабан Мемети и проф.др. Лотар Вилер.

Како што информираат од Институтот за јавно здравје, со овој значаен документ се воспоставува соработка на полето на едукација и научна соработка во областа на епидемиологијата на заразните болести, надзор над заразни болести и истражување на епидемии, имплементација на Меѓународниот здравствен правилник и зајакнување на лабораториските капацитети.

– Овој меморандум на соработка е уште еден доказ за постојаните напори на Институт за јавно здравје за унапредување на состојбата со јавното здравје во Македонија. Соработката не е ограничена на овие две институции, туку е предвидено преку соодветни обуки да бидат опфатени и експертите од центрите за јавно здравје, наведуваат од ИЈЗ.

Периодот на соработка со „Роберт Кох“ институтот е до 2020 година и се очекува преку него значително да се зајакнат капацитетите на земјата за превенција и одговор на заразни болести.