Граѓански иницијативи за почист воздух во Битола

 Регионалното географско друштво „Геосфера“-Битола кое наодамна потпиша меморандум за соработка со општина Битола за заедничко дејствување во намалувањето на загаденоста на воздухот во овој град, ги претстави приоритетните активности и еко-иницијативи.

Од РГД „Геосфера“ препорачуваат пошумување со иглолисна шума на Снеговско-облаковскиот масив изгорена во шумскиот пожар од 2007 година, како и кај просторот на падините под манастирот Св.Атанас над Стрчин и голините над Лавчанска населба со површина одоколу 18 квадратни километри.

Во еко-иницијативите препорачано е создавање на зелени коридори дрвореди од иглолисни дрвја од запад кон исток за внесување на свеж воздух во градот од Пелистер во должина од 5 километри, како и два појаси како тампон зона меѓу индустриската зона и јагленокопот на РЕК Битола во должина од околу 12 километри.

– Предлагаме изградба на зелена ограда, односно оградување на коритото на река Драгор од Црн мост до пресекот со железничката пруга со ниска ограда и засадување на зимзелени лилјани, изградба на втор градски парк на површина од околу 11 хектари во Нова Битола и изградба на неколку локални паркови на вкупна површина од околу 30 хектари на девет локации низ градот, а како во многу градови низ Европа, така и во Битола може да се постават дрвореди на паркинзите, кои во овој момент најголем дел се без ниту едно дрво, соопштуваат од РГД „Геосфера“-Битола.

Според јавното соопштување на еко-иницијативите на РГД „Геосфера“, се препорачува до конечното гасифицирање на градот, како трајна мерка за решавање на аерозагадувањето во Битола, а како резултат на огромното загадување од страна на домаќинствата и институциите во текот на грејната сезона, се предлагаат инсталација на водени филтри на котлите на мазут на сите институции во градот и сите домаќинства кои користат котли на огревно дрво или јаглен со парно системи, додека пак семејствата да користат сертифицирано огревно дрво со низок процент на влага бидејќи како што тврдат од РГД „Геосфера“ сертифицираното огревно дрво загадува трипати помалку од останатото дрво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *