Со Програмата за изградба, реконструкција и одржување на локална водоводна и канализациска мрежа во општина Крива Паланка за следната година предвидено е да бидат инвестирани вкупно 88 милиони денари, од кои 47 милиони за водоводна и 41 за канализациска инфраструктура.
– Во 2018 година предвидена е реализација на проектот на Владата на РМ и ЕИБ „Водоснабдување и одведување отпадни води“ кој е долгорочен и иако истиот беше со рок до 2016 година, се очекува годинава да се имплементира во целост и со истиот да бидат надминати и решени поголем дел од проблемите со водоснабдување во општината. Со Одлука на Владата краен рок за користење на средствата е 31 декември 2018 година, а предвидени за општина Крива Паланка се околу 1,2 милиони евра, од кои досега се искористени 760.000 евра, а преостануваат уште околу 478 илјади евра, се наведува во Програмата, усвоена на последната седница на Советот на општината.
Во оваа област во тек е постапка за јавна набавка и се очекува реализација следната година за проектот за реконструкција на дел од водоводната мрежа во Крива Паланка со замена на азбестно-цементни цевки, а со преостанатите средства предвидена е и реконструкција и доизградба на водоводен систем на дел од водоводна мрежа кој води од поранешна кантина кон село Конопница – до населба Трнци со крак кон населено место Мезовски Ливади и поврзување на висока зона од населба Домачки дол со резервоар и мрежа во населба Баглак 3.
Во Програмата е наведено дека доколку преостанат средства, иститте ќе бидат наменети за изградба на водоводна мрежа во дел од село Луке и во село Кркља.
Со средства од буџетот на општината и Јавно претпријатие „Комуналец“ планирано е поврзување на главната водоводна мрежа со веќе постоечки водоводи во село Конопница, доизградба и санација на водоводите во Конопница од зафатите на Селска река.
Програмата за 2018 година за изградба, реконструкција и одржување на локална водоводна и канализациона мрежа во општина Крива Паланка предвидува доколку има отворени повици на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој да с еаплицираат проектите: доизградба н аглавен колектор и спојување на лев-десен до пречистителна станица за фекални води, изградба на канализација на дел од Мезовски ливади-Крстата падина, изградба на канализација во село Конопница и помали канализациони мрежи.