Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот шеф на наговиот кабинет Тони Јакимовски, претпладнево дојдоа во Кривичниот суд каде што треба да се одржи рочиште за споениот предмет на СЈО „Таргет – Тврдина“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.
Покрај нив, во овој предмет обвинети се и поранешните началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
За овој предмет судско рочиште е закажано и на 17 јануари следната година.