Две фестивалски награди за „Крајот на времето“ на Манчевски

Краткометражниот филм „Крајот на времето“, кубанско-американска копродукција во режија на Милчо Манчевски, освои две награди: за најдобар ненаративен филм на Берлинскиот фестивал на експериментален филм и награда на фестивалот „Алтернативи“ во Белград.

Во своето образложение за наградата жирито во Берлин наведува дека „кристалниот минимализам и супериорната едноставност на филмот се навистина потресни”. Белградското жири, пак, во образложението истакнува дека „филмот има визуелен магнетизам, формално е заокружен и одлучен, со јасен став и очигледно занаетско мајсторство”.

„Крајот на времето“ претходно освои награда „Елен“ на фестивалот на краток филм во Аспен, Колорадо, како и награда на чешкиот фестивал на документарен и експериментален филм во Јихлава.

Манчевски го сними „Крајот на времето“ минатата година во Куба, каде што гостуваше како професор на државната филмска академија, а постпродукцијата ја заврши во Њујорк.

Филмот досега беше претставен на триесетина фестивали и во неколку галерии низ светот. Во Македонија премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *