„Вистина, лаги и лајкови“ – главна тема на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје

 Врвни новинари истражувачи од BuzzFeed News, Google, La Republicca, Welt, Lupiga  ќе ги споделат своите искуства и филмови во рамки на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје на тема „Вистина, лаги и лајкови“.

Второто издание на Истражувачкиот филмски ќе се одржи од денеска до сабота во Кино Култура, во органзиација на ПИНА – платформа за истражувачко новинарство и анализа и партнерите ФЕС – Скопје.

Ако порано „лагата шеташе половина свет, додека вистината уште ги облекуваше чевлите“ денес технологијата и дава инстант билет на лагата до секоја точка на Земјата, додека вистината уште се бори да игра по старите правила во новата дигитална ера, велат организаторите на фестивалот.

Заедно со низа позитивни аспекти и безброј можности, онлајн-сферата донесе и феномени како лажните вести, отворено поле за политичка пропаганда, манипулации, спинови и уште полесно наметнување на разните агенди од центрите на моќ. Борбата за јавниот интерес и потрагата по вистината како главна мисија на новинарството, стануваат сѐ потешки, додаваат тие.

Големиот интерес на публиката за дебатата на првото издание на фестивалот „Македонија и феноменот на лажни вести“ покажала дека иако секој има различно видување за тоа што е вистина, сепак многумина се обединети во желбата да ја пронајдеме.

Фестивалот почнува со Џејн Литвиненко (Jane Lytvynenko) од BuzzFeed News, која ќе ги претстави начините за дознавање на вистината и справување во дигиталниот универзум преку проверка на фактите.  Првиот фестивалски ден го носи и истражувачкиот документарец на британската телевизија „Channel 4, Inside Facebook: Secrets of the Social Network“, овозможувајќи редок увид зад кулисите на социјалната мрежа, во светот на модераторите кои одлучуваат меѓу цензура и слобода на говор на омраза.

На второто издание на ИФФС, прв пат има и претставник на Google, Daniel Rzasa од нивната програма Google News Lab, кој ќе ги претстави можностите што најновите дигитални алатки им ги нудат на современите новинари. Новинарската лабораторија на „Гугл“ е тим кој е дел од Google News Initiative чија мисија е да соработува со новинарите и медиумските претприемачи за да придонесе во иновацијата во новинарството.

Годинава ИФФС ќе пречека и тројца врвни истражувачки новинари од Германија, Анете Довидајт (Anette Dowideit) од Welt, Фолкер Штајнхоф (Volker Steinhoff) од најстариот истражувачки ТВ-магазин Panorama и Оливер Шром (Oliver Schröm), главен уредник на CORRECT!V, со кои ќе се разговара за предизвиците со кои се соочува истражувачкото новинарство во Германија, како и опасноста од ширење лажни вести и дезинформации во Европа.

Со истражувачкиот новинар Карло Бонини (Carlo Bonini) од италијанскиот весник „Ла Република“ и Мат Сарнецки (Matt Sarnecki), продуцент од The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) ќе биде разгледан сериозниот ризик кој ги следи новинарите во секоја нова потрага по вистината, како и безбедноста на новинарите во Европа. Бонини и Сарнецки ќе ги претстават документарните филмови „Дафне“ за убиството на новинаркатаод Малта, Дафне Каруана Галиција и „Убивајќи го Павел“ („Killing Pavel“), посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.

Годинава ИФФС ја носи и успешната приказна на хрватскиот портал Lupiga, каде новинарите Ивор Цар и Ладислав Томичиќ ќе говорат за успехот на нивната crowdfunding кампања, во која успеаја да соберат повеќе од 42.000 долари од своите читатели како финансиска поддршка за понатамошно независно функционирање на нивниот медиум.

Вториот фестивалски ден е македонски ден – посветен на медиумите и новинарството во Македонија и предизвиците на домашен терен.

Ќе биде направен обид за продирање во актуелното прашање за власта и пиарот на социјалните мрежи, каде новинари и медиумски личности ќе дискутираат со претставник од владиниот пиар. Ќе бидат разгледани и задачите што им претстојат на новите генерации истражувачки новинари кај нас, а ќе има разговор и со помлади, но и поискусни познати новинари од Македонија, кои секојдневно работат на доближување на вистината до граѓаните. Покрај документарците на СКУП и „Кадар“, ќе биде прикажана и велешката бајка „Fake News Fairytale“ на лондонската режисерка Кејт Стоунхил (Kate Stonehill). Претставници на од успешната домашна приказна за кратки видеа „Види Вака“ ќе раскажат како во една минута да ја освоите публиката на социјалните мрежи.